Реформација

Кога Мартин Лутер во 1517 година ги заковал неговите Деведесет и пет тезиконтра Папските индулгенции на вратата на црквата Сите Свети во Витенберг, точно знаел што прави. И знаел што да очекува односно дека ќе има поддршка од мнозинството Германци на кои што преку глава им биле Папските привилегии, богатства и аздисувања.

И не случајно во 86та теза Лутер прашува: „Зошто Папата, чие богатство денес е поголемо од богатството на најбогатиот Крас, ја изгради базиликата Св. Петар со парите од бедните верници а не со негови пари?“. И знаел дека погаѓа точно во сржта на проблемот – во богатството! Лутер бил смел човек. Ако пак напишам дека Зоран Заев е смел човек, многумина тоа може да го разберат погрешно. Сеедно, но неговите „бомби“ – на времето, во просториите на неговата Партија но и пред „белата шампита“ која што се’ уште глуми Влада на РМ – тогаш ги доживеав токму како чеканот на Лутер и неговите тези контра римскиот Папа. Заевите „тези“ контра нашето фирерче (со тогаш изгледни шанси да биде наш доживотен „папа“) де факто беа почеток на крајот на криминалната банда. И кога тој велеше дека ќе го урне режимот само со пенкало, малку кисело се потсмевнуваме. Како што, впрочем, му се потсмевнувале и на Лутер во неговот време.

Ама, на крај памет не ми е да пишувам некаква ода за сегашниот премиер – ни тој ниту јас, претпоставувам, имаме потреба од тоа – но сепак, сите настани во денешна Македонија многу ме потсетија на улогата на Лутер, неговата смелост и далекувидост, и историската потврда на неговиот храбар чин. Сигурен сум дека и улогата на сегашниот премиер историјата глатко ќе ја потврди, особено после вчерашните случувања во Собранието на РМ. Демонстрацијата на сила од страна на малото фирерче – по којзнае кој пат во изминативе дватринаесет години – само не’ зацврсти во уверувањето дека се’ што се случува(ло) наназад неколку месеци било на место и дека се’ требало така да се одвива. Зашто ние и нема(в)ме друг пат освен сериозна пресметка со Злото на сите фронтови. Е сега, фронтовите некако ни се стеснуваат, или не се отвораат доволно бргу за наш вкус. Не знам, но кога човек го гледа она насилно чудовиште – иако сето тоа повеќе е популистичка глума за тврдокорен патетичен народ кој не умее да разликува магаре од човек – како самоуверено се шета низ Собранието (токму како оние на 27 април!), како се заканува, како истура вода (иако строго контролирано, знае дека ако малку го смени правецот ќе му го залепат мевот за грбот!), велам, сепак, наспроти целата глума, тоа веќе не е демократија. Како што впрочем не беше ни она на црниот 24 декември, или она на црвениот 27 април … па и сите оние дванаесет изминати години. Ама, мислевме, готово е. Прашањето е: зошто ние треба да толерираме насилници од тој тип? Само затоа што се пратеници, или што биле партиски и државни функционери? За сосема исти или слични постапки некои негови симпатизери со месеци се „на одмор“ во Шутка, или Идризово, или каде и да се. Или зошто, и до кога, треба да ги поднесуваме сите опашки на Злото во администрацијата, во медиумите, во културата, во образованието …? Како тоа ним, се’ уште, се’ им е дозволено, па дури и да се „возбуди“, на пример, цела една телевизија ако им напишете „три слатке речи“? И како никој од тие фолиранти не се возбудуваше на црниот 24 декември, на црвениот 27 април, на „развлекувањето“ на тогашниот лидер на опозицијата при неговите интервјуа во куртон-медиумите? Зошто, повторно, на барабите во оваа држава се’ име е дозволено, па и да се „возбудуваат“ ако некој ги спомне, а ние, дури и кога ни се закануваат – истите бараби кои го поддржуваа цела деценија она чоечено, несудениот глумец, кое вчера изведе „патриотска“ претстава во Собранието на РМ – немаме право на заштита? Или заштита тоа право го имаат само богатите, и злите?

А кога сме веќе кај тоа, Лутер не случајно го спомнува Крас – римски генерал и политичар – чие што богатство се проценувало (според Плиниј) на околу 200 милиони сестерции, а според Плутарх дури на 229 тони злато (што во денешни мерки е околу 9 милијарди долари!). Сепак, никој, па ни Лутер, не знае(л) колку навистина „тежи“ Папата, како што никој (па ни Заев) не знае ни колку навистина во злато тежи нашион статист. Ама не знаеме ни колку тежат сите други бараби кои секој ден ни се силат и не тормозат со нивното богатство, кое што е всушност – наше богатство!

Затоа, за крај: историските мисии мора да се одиграат докрај. Или – го губат значењето на историски мисии. Остануваат само со некои / некакви периферни значења што бргу бледнеат. Тогашната Лутерова реформација стана историска мисија за Германија, но и многу пошироко – обедини половина Европа. Нашата „реформација“, дури и да остане само наша, мора да се одржи како силна демократска мисија за Македонија, или – отидовме сите по ѓаволите!

Златко Теодосиевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e