„Разликата“ меѓу големиот диктатор и големиот манипулатор

ВМРО-ДПМНЕ не протестира, но манипулира со оние што протестираат. Тие се ново јато „глинени гулаби“ и ќе бидат жртвувани пред олтарот на Мицкоски: додека ним не им се стемни, на неговиот рејтинг нема да му се раздени.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во моментов игра една многу монструозна манипулација. Од една страна, партијата официјално не протестира, но мотивира тоа да го прават нејзини членови во повеќе општини. Зошто? Поради длабоко вкоренетите девијантни модели за „патриотско“ дејствување на ВМРО-ДПМНЕ во изминатата деценија, а типични за времињата од пред еден век, Мицкоски не може да создаде свој лидерски идентитет потврден низ тие искривоколчени „канони“. Од една страна, сака да се претстави како модерен политичар, а од друга, да ги амортизира силните критики од радикални и ретроградни сили во партијата кои го сметаат за неодлучен и млак. Под таков притисок, но и личен поткапацитет храбро и одважно да го изгради својот лидерски идентитет, се решава на еден погубен сублимат: малку да глуми конструктивен политичар од европски десничарски штоф, малку да кокетира со радикалните струи, оние кои едвај чекаат знак да застанат на некоја барикада, да запалат нечие возило, да раскварат нечија „предавничка“ глава. Со тоа што свесно и намерно не прави разлика меѓу мирни протести и оние (формално мирни, но со погубна содржинска есенција) од кои се испраќаат закани за животите на пратениците и нивните семејства, тој директно го одобрува нивното натамошно продолжување во истиот формат и со истата реторика. Доказ за тоа е што изјавата на премиерот Заев дека ќе ги заштити децата на пратениците, скандалозно ја нарече „злопотреба на деца за политички цели“ и му порача „да ги остави децата надвор од политиката“.

Зошто? За да можат неговите членови да ги внесуваат децата во политиката на најлошиот можен начин, со закани и заплашувања пред нивните домови. Од ваквата нечесна игра, Мицкоски се надева на двојна добивка. Целта е тие радикални елементи кои го доживуваат како мекотел, преку вербално амнестирање на нивните протести да ги мотивира да продолжат, но за да се изгорат – да се соочат со пријави по разни основи. Секако, неговата цел не е со тоа да се стопира говорот на омраза, туку да го намали нивниот притисок врз себе. Да ги симне од вратот. Ем за пријавите би биле одговорни полицијата, обвинителството и СДСМ, ем тој ќе добие простор да ламентира дека нема демократија, дека санкционирањето на националистички хајки и закани по живот е „репресија“. Фактички, Мицкоски планира да ја подгрее истата запршка што Груевски им ја зготви на протагонистите од 27-ми април 2017 година. Колку и да е страшно што ова го зборува лидер на партија, па нека е и најголемата опозициска, пострашно е што ова го зборува универзитетски професор. Тој треба да биде модел за најпрогресивните трендови во државата, а за жал, станува доказ зошто образованието е девалвирано токму преку голем дел од оние кои ја сочинуваат т.н. академска заедница.

Сепак, најстрашно е што видни членови на ВМРО-ДПМНЕ, со многу подолг партиски стаж од Мицкоски, со многу повисок рејтинг од неговиот и неизвалкани по прашањето на меѓуетничките односи, знаат за оваа монструозна манипулација и молчат. Дел свесно го оставаат да се препелка во улогата на хомо дуплекс, за да се демаскира самиот до крај. Дел, пак, не сакаат јавното дистанцирање од ваквите маневри на Мицкоски да биде протолкувано како нанесување удар на партијата. Многу погрешно. Ударот веќе е нанесен. Она што Груевски го реализираше, Мицкоски го завери. ВМРО-ДПМНЕ се самохендикепираше на подолг рок. Дури и под претпоставка дека партијата би можела некогаш да победи на избори, мислите ли дека постои партија од албанскиот блок што би се дрзнала да коалицира со неа по целиот отров истурен врз албанската етничка заедница? Таа врата ВМРО-ДПМНЕ ја затвори со десет катанци. Така што, каква било игра на Мицкоски може да се одвива само надвор од теренот. На теренот ќе се вратат само оние што ќе разберат дека и на партијата, и на општеството, не им требаат луѓе кои ги рушат интраетничките и меѓуетничките мостови, туку што ќе ги реобноват. Такви луѓе би можеле да се наречат вистински патриоти. А не оние што патриотизмот го разбираат како истурање чаша вода или нешто слично на тоа, каква што беше и вчерашната изјава на Мицкоски. На срамен и скандалозен начин тој реши да изигрува „свиркач“ против легитимни мерки на полицијата. Вели, „добив информација дека се регрупираат полициските сили кои што имаат за задача и цел оние мирни протестанти кои што мирно го изразуваат својот револт да ги стишaат по секоја цена, па се закануваат со кривични пријави. Тоа ќе претставува едно такво кршење на човековите права и враќање на Среќна нова 49-та година“.

Ова го вели претседател на партија која тврди дека се залага за европски вредности и правна држава. Човековите права на засегнатите ги смета за помали од човековите права на заканувачите! И што да прави полицијата – да мижи и да не реагира пред заканите?

Попусто се прашувате колку човек треба да биде неодговорен за да даде ваква изјава. Но, Мицкоски точно знае зошто го кажува тоа. За да ги мобилизира дополнително, за да ги насанка на лизгав терен, бидејќи, додека ним не им се стемни, на неговиот рејтинг нема да му се раздени. Уште едно јато „глинени гулаби“ е подготвено да биде жртвувано пред партискиот олтар на Мицкоски. И неодговорно е ако некој од разумните гласови во партијата ова не им го предочи на оние партиски членови, кои под притисок на дезинформации се доведени во заблуда дека „ја бранат државата“. Доста е од интерни исповеди на видни партиски функционери дека нема разлика меѓу големиот диктатор и големиот манипулатор. Таа приказна еднаш мора да излезе од назнаката „неофицијално“. Токму за да се направи разлика: кој се бори за лични интереси, а кој за државните.

Катерина Блажевска

Извор: Дојче веле

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e