Први во економија, најдобри филмаџии, невидени експерти како Мизо и Ставревски, а до гуша во беда

Од каде таа потреба за лажни вести. Комплекс на неспособност, потреба за брз успех, фрлање песок во очи на луѓето. Фаца е супер дечко, наш студент, и јас верувам во него и без Спилберг да ми каже. И знам дека го чека супер иднина. Но Итар Пејо е очигледно најдлабоко вкоренет во нашето битие. Тој е наш бренд и традиција. Брз успех, брзи пари, брза моќ. Никако долго, мачно и исцрпувачко работење и посвета врз проблемот.

Кога немаш американ дрим, имаш македонски дрим, којшто наскоро ќе стане кошмар. Први во економија, најдобри филмаџии, невидени експерти како Мизо и Ставревски, а до гуша во беда, и навистина (не е фејк њуз) први по загадување, и екстремно први во (интелектуален) молк пред злото. И после не ни признавале име, земја, народ. И цел свет е слеп, а ние прогледани. И кога утре во графата за народност ќе ни стават Пејовец, ќе немаме ниеден релевантен аргумент за побивање.

Сетете се на Гркинката, светски рекордер во скок во вис со мотка, којашто пред две недели гордо го вееше грчкото знаме пред цел свет. А ние дома знамиња вееме, дома споменици дигаме, дома се фалиме…Мислам дека добар дел од нас ја имаат промашено професијата и дека ќе треба да се помачат дебело за леб во скора иднина. Моето чувство се почесто е срам. А вашето?

Синоличка Трпкова

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e