Нов култ на личноста?

Полека, но сигурно, го градиме култот на личноста на премиерот Заев. Тој извонреден политичар кој со својата харизма, со својата лична храброст и со успешно тестираниот карактерен интегритет, но и со својот – што е најважно – вистински политички концепт („Живот за сите!“, „Едно општество!“ и тн.) најсуштински придонесе за драматичната промена на курсот на Македонија од, до пред само година-две, една релативна безизлезност, до сегашните основани очекувања за силно унапредување на либерално-демократскиот и евро-атлантскиот курс на земјата; сега се плашам дека почнуваме да го „трошиме“ во непотребен пропагандистички проект од него да се прави нов „Татко на Нацијата“. Тоа е рецепт за продолжување на авторитарните модели за владеење во Македонија, од кои суштински не се еманципиравме во изминатите триесетина години пост-комунистичка држава.

Да, можеби погаѓате, станува збор за вчерашната пропагандистичка промоција, една евтина рекламерска политичка егзегеза – зборот означува теолошко толкување на Библијата – за тоа што е, наводната, задача на еден македонски премиер: Заев отишол на Државната клиника за гинекологија каде што државата, сопственик на клиниката, преку божествената интервенција лично на Заев, донирала (!?) нови инкубатори за новороденчињата кои, да ве потсетам, ни умираат со статистички количества на вински мушички!

Ова ме потсетува на двокатните кинески автобуси кои Груевски пред неколку години им ги „донираше“ – од НАШИ пари, како и сега, во случајов со инкубаторите – на граѓаните на главниот град! Па промотивно, пропагандистички, тогаш нѐ возеа со услужните „Миле-ми-текна“ и со директорот на ЈСП низ Скопје како мали деца во продавница за локум, плус десетина ТВ камери, за ниту една воодушевена импресија и насмевка да не се пропушти!

Слично како вчерашната „промотивна тезга“ на Заев на Гинекологија, во присуство на новата („негова“) директорка и мноштвото медиумски камери и фотоапарати, каде насмевката на Заев е главната вест: „Душички мили, види колку се убави!“, е цитиран премиерот во таа патетична прилика.

Ви се молам, кому му треба ова?! На Заев, сигурен сум – најмалку!

Јас разбирам, а по нешто и предавам на универзитети, дека политиката не може без сопствена пропаганда и дека градењето јавни перцепции и редовното комуницирање со гласачите е во центарот на тој занает. Но, ние тукушто се спасивме, а и не сме сосема опоравени, од онаа популистичка будала која, пред камери, ги испитуваше министрите до каде се со набавка на водни пумпи и гумени чизми по поплавите во Стајковци!? Аман, пак ли натаму одиме?!

Македонија мора да ја напушти практиката на промовирање на моделот на комплетно  персонализирана власт (Путин, Трамп и останато друштво) и да се врати на моделот на функционирањето на силни демократски институции – на пример, додека вчера на Гинекологија сите поданички му се воодушевуваа на премиерот, недостасуваше од никаде да се појави луцидноста на еден Саше Политико и агресивно, туркајќи се со неговите телохранители и со крената мобилка што снима, да го постави единственото новинарски точно прашање за Заев во таа прилика: „Премиере, во ситуација на катастрофални состојби во здравството, зошто со месеци ја држите Македонија без министер во тој ресор, а сте дошле тука да се сликате како ЛИЧНО, наместо ИНСТИТУЦИОНАЛНО, ги решавате проблемите на Гинекологија?“

Ви велам, полека, но сигурно, го градиме култот на личноста на премиерот Заев. Нот гуд.

Сашо Ордановски

Извор: ЦИВИЛ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e