Младите ги дадовме – името не го даваме!

Додека во Македонија се одвиваа разговори за спорот за името, дел од екипата на ЦИВИЛ посети девет општини. Тргнавме во петок од Скопје, каде што времето беше сончево и убаво. Кога стасавме во Кичево, времето нагло се промени, дуваше силен ветер, па еден од нас мораше еден да гo држи банерот за да не полета. Во центарот на градот имаше претежно љубопитни пензионери кои се интересираa за нашите активности. Меѓутоа, празно беше кафулето „Рома“, а исто така и во „Мексико“, немаше млади луѓе.

Во Струга беше многу пораздвижено. Покрај тоа што дуваше и врнеше, сепак улиците и паркинг местата беа полни.

Охридското езеро беше толку бесно од ветерот и ситниот дожд, исто како неколкумината патриоти што ги сретнавме во охридската чаршија. Еден од нив го зема флаерот за „слободно општество“ што го делевме, го скина и фрли на земја, коментирајќи – „Мене не ми треба ваква пропаганда на Сорос. Државата ќе ја продадете“!

Постарите ме учеа дека со сила може да му земеш нешто на некој, но не можеш со сила да му дадеш. Дури ниту слобода. Поубаво му е да живее во некој свој затворен свет!

Чаршијата беше речиси празна, во дуќаните седеа само вработените, без муштерии, кафулињата беа полупразни… Неколкумина млади дечки што ги сретнавме во чаршијата прашаа – „Ова флаерите што ги делите да не се некои визи за Австралија? Ако се некои визит карти за женење, дајте одма да се жениме и да заминеме од тука…“ (се смеевме сите, но на крај заврши муабетот дека нема живот за младите во Охрид, и дека сите гледаат како да заминат некаде надвор од државата, за како што велат „за да се спасат“.)

Во Ресен, зјаеа празните и огромни куќи на печалбарите. Една бабичка ми вели- „Синко, џабе ми ја даваш оваа книга не можам да читам. Да ја однесам дома нема кој да ми прочита, бидејки сама живеам, сите млади се заминати во странство“.

Во Битола и покрај секојдневните проблеми со воздухот, водата, невработеноста, отселувањето на младите…, сепак не го пропуштаат кафето и муабетот на „Широк сокак“.

По Битола продолживме во Новаци каде што едвај најдовме неколку луѓе. Единствените луѓе ги сретнавме пред Аптеката за лекови. На пат за Новаци, искршената автобуска станица на која имаше стар искинат двосед, некако најубаво ја опишува тажната и празна слика за тоа подрачје.

По Новаци отидовме во Могила. Таму функционираше едно кафуле и Пензионерскиот дом. Иако беше ладно и врнежливо, сепак имаше раздвиженост. Еден граѓанин откако го зема флаерот, по неколку минути дојде да ни го врати, коментирајќи – „Земете си го флерот за да не заврши во канта“! Промовирање на слободно општество воопшто не е лесна работа. Ете, и во 21 век, некој смета дека местото на слободата е во канта за отпадоци…!?

Во Кривогаштани и Долнени се радувавме како мали деца на Дедо Мраз, ако видиме некој човек на улица или двор. Чувството да се сретне и да се разговара со жив човек таму е неописливо, ти доаѓа да го гушнеш.

Во Долнени сретнавме еден дедо со капче на кое пишуваше „Има разлика“ од кампањата на ВМРО-ДПМНЕ. Всушност, разликата е во тоа што на политичарите им текнува на тие луѓе само кога има избори и кога им требаат гласови. Единствена разлика е во тоа, која политичка партија ќе победи, а животот на жителите од руралните општини си останува ист. Прашање на време е само кога и постарите жители ќе се одлучат да си заминат во некоја Западноевропска дестинација, како што заминаа речиси сите млади… Каде што ќе имаат малку живот!

Дехран Муратов за Цивил

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e