Македонија и Бугарија, меѓу криминалот и политиката

Пред некој ден, со еден колега, бевме во дводневна посета на Софија. Сто пати се покајавме што заминавме со автомобил, бидејќи таквото патување до нашиот источен сосед, проследено со врнење како Господ да се расплакал врз нашата судбина, е едно ужасно, ужасно искуство што трае најмалку четири часа во еден правец. Во нормални држави, барем некои делови од онаа калдрма би биле затворени за сообраќај, како психо-физичка загроза врз здравјето на патничката популација.

Во Европа, Скопје е единствениот главен град кој дури со две од своите соседни престолнини (Софија и Тирана) не е поврзан со железница, ниту, пак, со авионски лет. Среден век!

Но, престојот во Софија – претседавачот со Европската Унија! – беше прекрасен, не само заради старите пријатели со кои никогаш не наоѓаме доволно време да се гледаме почесто, туку и заради една атмосфера на освежено, искрено пријателство што Бугарите со особено внимание ни го пружаат деновиве. И официјално и неофицијално, барем со луѓето со кои ние се гледавме (таква беше приликата, се „очешавме“ со некои од првенците на бугарската политичка и дипломатска елита), за Македонија имаат само пофалби и охрабрувања, со нагласено внимавање да не кажат нешто погрешно што може да ни ги искомплицира преговорите со Грција и евро-атлантските интеграции.

А, паметам, само пред неколку години, сосема други времиња и расположенија во Бугарија кон нас… „Сашо – ми вели во тие години еден од првенците на тогашното бугарско правителство – гледам што повеќе да ги избегнувам средбите со македонските претставници, бидејќи каде и да се сретнеме, само непријатности и скандали се случуваат, сè некакви глупави изјави и конфронтативни ставови, што после, не друго, туку морам да поминам денови и денови во расчистување и дообјаснување во нашава, бугарска јавност, во која не недостасуваат антимакедонски ентузијасти. Затоа, со вашите само кога и ако мора… А, не мора.“

Сепак, тоа не беше со сите и за сите така: низ Бугарија поминуваа важни криминални коридори за перење пари и за етаблирање контакти со понатамошниот Исток, а за наши прилики димензиите на бугарскиот „пазар“ за такви дејаниа беше со многу големи размери. Си имаше нашата Фамилија свои негувани канали и етаблирани претставници за тие операции и којзнае колку наши десетици и стотици милиони се одлеани преку нив на, за македонските органи на прогонот, непознати дестинации. Плус, вештината на бугарското подземје за смислување разни „мучки“ е надалеку прочуена, бидејќи е комбинација на една специфична балканска итроманштина, со чувство за интелигентни импровизации и, конечно, со беспрекорен тренинг на руските тајни служби за поткопување на заштитните системи и бизнис филозофијата на Западот. Убиствен криминален микс.

Ете, сега сме во прилика да свртиме нова страница во македонско-бугарските „одношенија“ и добро е што и двете страни не губат време за тоа. Бугарите воспоставија интензивна балканска, во европската агенда за наредните шест месеци, а со оглед на тоа што по нив следуваат Австријците и Романците како претседавачи, имаме цели 18 месеци да авансираме со нашите европски амбиции. Кога, ако не сега?

Замислете да можевме, во некој удобен и брз воз, да седневме во Скопје наутро и, со кафе и лаптоп пред себе, за два часа да стигневме во Софија… Како што тоа го прави цела нормална Европа. Па завршиш работа таму, дрмнеш некоја „мускатна“ пред ручекот во некој од врвните софиски ресторани, и вечер уште нестемнето назад, дома. Чудèсно!

Вака, клај-клај, крши камчиња во бубрег до Крива Паланка, а ако врне и некое весло ќе заврши работа…

Сашо Орданоски
Извор: Цивил Медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e