Комесарот Хан, 137-ми пат

Aко не сум заборавил да го читам речникот на дипломатските гестови и значења-меѓу-редови – со тек на време, дали заради годините или заради километражата, станав некако мрзоволен да ги толкувам нивните дипломатски тегавења и пренемагања – посетата на еврокомесарот Хан идната недела во Скопје ќе има една главна задача: да ги смири малку критиките кон Владата на Заев кои во секојдневни топовски салви доаѓаат од семожни експертските и невладините кругови, а се однесуваат на благото разочарување кај профукционираната македонска јавност од досегашните не толку „работни резултати“, колку насоката по која се движи новата власт.

(Патем, Хан ќе се распраша и до каде се реформите во ДПМНЕ, ќе ѕирне и до каде е Грујо со оставката, ама тоа онака, секундарно.)

Сакам да кажам, нема никаква смисла неделава на гости кај Хан да одат Османи и Димитров, а тој идната недела да ни се истовари во Скопје, освен затоа што им подлегнал на молбите на нашиве двајца високи надворешно-политички „суртуци“: „Аман, друже Хан, спасувај, цела Македонија чека Рим да го изградиме за седум дена!“

Сега Хан убаво ќе ни објасни, на англиски со австриски акцент, дека реформите се важни, но уште поважна е стабилноста што ќе треба да ја произведеме и да ја сочуваме барем до средината на идната година, до кога се очекува исполнувањето на големите задачи од македонската евро-атлантска агенда. Значи, побрзајте полека, ама не нагло, но и не многу споро, иако не пребрзо, за да не се шинете во грбот или да си го истегнете вратот наместо шијата… Мислам, така некако.

Бидејќи премиерот ни е, главно, на пат во странство, сега се гледа колку би било добро да имавме и претседател на државата. Да имавме претседател, ќе превземеше нешто од меѓународните ангажмани на Заев, човекот да може нешто и по дома да развати, некој прав да забрише, некој министер да испердаши. Вака, ќе мора Заев сам да нѐ внесе во ЕУ и НАТО.

Тој зафат на Заев, како што се одвиваат работите, и ќе му успее. Не паметам околу случајот на Македонија да имало толку позитивна меѓународна енергија! Да не е Вучиќ, Русите сами би биле отспротива. Всушност, јас ако се прашувам, Русите сѐ уште можат да ни ја расипат нашата евро-атлантска забава и тоа не со своите постапки во Македонија – туку во Грција.

Малкумина во Скопје се занимаваат со или го разбираат руското влијание кај нашиот јужен сосед, а тоа е многу поголемо и пораспространето отколку кај нас. Почни од Грчката црква, преку традиционалните левичарски идеолошки и други влијанија, до големите руски бизнис интереси и кај грчката десница, па до хистеричните популистички и прото-фашистички еленистички кругови, не знаеш до кои сѐ нивоа и до чии сѐ кабинети и приватни сметки е стигната руската „бургија“. Можам само да замислам колку милијарди руски и пара-руски пари се испрани низ грчкиот бизнис со банкротот!

Затоа и си велам дека Хан ќе треба да го дочекаме учтиво, стрпливо и без псовки на средбите со него. Ќе се правиме дека ја разбираме неговата посветеност и дека сме уште подготвени да го толерираме нашиот продолжен „лет во место“, заради завршување на „големата приказна“…

И, да не заборавам: еден пријател ми вели дека жена му толку му се погодила, што се мисли да си земе уште една. Ова нема врска со Хан.

Сашо Ордановски
Извор: Цивил

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e