Кога светците маршираат

Духот на Црната револуција што деновиве се тркала по македонските улици ги има сите карактеристики на оперетската националистичка патетика на ВМРО-ДПМНЕ. Кај нив омразата тешко се крие дури и кога се рецитираат пораки за толеранција, гневот им ромори под пазувите, а од мирисите чувствуваш дека превладува темјанот.

Една од работите по кои овој период на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ ќе остане длабоко закопан во македонската историја на срамот е начинот на кој партијата злоупотребува малолетни деца за своите валкани политички цели. Навистина, политичката педофилија не е нов метод во аналите на историјата на светските политички валканици и направените паралели со фашизмот се сосема пригодни, но човек секогаш одново се зачудува на што сѐ се подготвени овие наши партиско-пропагандистички изроди за да се спасат од заслужените прогони и казни за злосторствата што ги направија во изминатата деценија во Македонија. Таман кога ќе помислиш дека го допреле дното, гледаш дека тоа дно е дупло, дека има уште каде надолу да се оди во нивната морално-политичка мизерија. Какви кукавици: туѓи деца се ангажираат да плукаат и се туркаат на барикадите за да бидат жив штит за заштита на интересите на Фамилијата, додека своите деца ги чуваат по дома, ако веќе не ги испратиле на студии по западните метрополи! Овие со демохристијанството имаат врска таман колку што ВМРО-ДПМНЕ има врска со македонска државотворност.
УЖАС БИБЛИСКИ!

Духот на Црната револуција што деновиве се тркала по македонските улици ги има сите карактеристики на оперетската националистичка патетиката на ВМРО-ДПМНЕ. Кај нив омразата тешко се крие дури и кога се рецитираат пораки за толеранција, гневот им ромори под пазувите, а од мирисите чувствуваш дека превладува темјанот. Црнава револуција се мачи да се приближи кон успехот и ентузијазмот на Шарената револуција, ама тоа никако не им поаѓа од рака, без разлика на разноликата клиентела што излегува да ги забавува и бодри на протестите, закитени со многубројни македонски знамиња. Џабе ти се барјаци, кога улиците не ги заземаш како резултат на автентичен граѓански порив за слобода, туку како уште една тактичка мерка на нивната партија за пазарење и за предизвикување нови преговори – да, со истите меѓународни посредници по кои фрлаат дрва и камења – за на „зелена маса“ да ги ревидираат последиците од загубените парламентарни избори. Проверете и сами: ако се прошетате секој ден околу 17 часот на просторот пред белата шампита од стиропор што ја претставува зградата на владата во Скопје, ќе видите кругови со луѓе што се собрани околу некој што од партискиот список им ги чита имињата, за уредно да ги евидентира пред да го започнат маршот кон зградата на Собранието. А потоа се дели лупен кромид, за плачот по Македонија да биде што поавтентичен и помрсулав, оти падне ли Фамилијата, ќе ја снема Македонија и сите ќе проговориме албански! Ужас библиски!

Деновиве некој ме потсети дека ВМРО-ДПМНЕ сега има повеќе партиски членови отколку Сојузот на комунистите на Македонија во најубавите социјалистички денови. Каква иронија на судбината, денеска ДПМНЕ е најавтентичната комунистичка партија во регионот, сосе Титовите леви сили во нивната коалиција. Со таа разлика што тогаш СКМ, со своите најразлични парапартиски општествени афилијации и Титовите младинци како Стевчо Јакимовски, Мирка Велиновска или Ѓорге Иванов, организираше работни акции за градење на татковината, а денеска ДПМНЕ, со своите мафијашки екстензии и дузина бивши Титови младинци, организира протести за продолжено крадење на татковината. Сепак, кога паѓаше комунизмот не памтам дека имаше многу луѓе што плачеа по него; денеска гледаме луѓе кои (велат дека) се сериозно подготвени да убиваат неистомисленици и да злоупотребуваат малолетници, само за да ја сочуваат општествената позиција што ја стекнале благодарејќи на новата комунистичка партија.
Тоа е мирисот на темјанот на Црната револуција за кој ви говорам. За време на Шарената револуција, секоја вечер се враќав дома со пет-шест нови вица за владејачката мафија; овие денеска се враќаат дома со пет-шест нови имиња за ликвидација. Мора да е ужасно да заспиваш со такви мисли во главата, којзнае какви ноќни мори ги разјадуваат. Се продаваат за светци, а маршираат во чизмите на омразата и насилството.

МАЛИОТ НЕРОН

А малиот Нерон повремено седи во белата партиска тврдина во центарот на Скопје во која влегува и излегува низ тајните подземни ходници (да повторам, наводно, оној најтајниот е оптегнат подземно од подрумите на партиската зграда, до камбанаријата на новата бетонска црква на улица „Македонија“, каде што владиката Агатангел седи и дежура со запалени свеќи, ако треба некој итен парастос да се држи!), изолиран и опкружен со десетици вооружени бодигарди, и се прашува каде му отидоа и најблиските соработници? Навистина, ќе пријави ли некој, на пример, каде се наоѓаат Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Зоран Ставрески, Владимир Пешевски, Веле Самак, Мартин Протуѓер и уште десетина други архитекти и „градежни техничари“ на режимот на злото со чија помош владее(ше) единаесет години? Толку ли ги уплаши еден притвор на некаков Сеад Кочан, па се разбегаа куд-који-мили-моји, како гуски во магла?

А и тој Сеад, впрочем, човек да не знае од што бега: дали од раката на правдата или од раката на ВМРО, која е многу долга кога ќе си ги побара крадените пари во името на режимот – што е, да не мисли некој дека г. Кочан е единствениот сопственик на неговите фирми што добиле тендери од повеќе стотици милиони евра од касата со која управува малиот Нерон? Ајде што некакви хостеси што изигруваат новинарки од „неговата“ телевизија тоа можеби не го разбираат, ама нема белки многу други будали во државава кои веруваат дека опозицијата, а не малиот Нерон, му ги пали скапите автомобили во подземните гаражи на „сопственикот“ на ТВ Нова?!

Ете една вистинска истражувачка новинарска сторија за ТВ Нова: чии се фирмите на г. Сеад Кочан, кој му ги пали автомобилите и од кого е побегнат во Нови Пазар?

ПОСТОВИ ИДАТ

Од друга страна, додека течат овие забавно-тажни интермеца, на чекор сме од одлуката за свикување на Македонското собрание. Гледам, многумина се прашуваат: ќе се свикува новиот собраниски состав за да ја продолжи прекинатата конститутивна седница за да се избере нова влада или за да се распишат нови избори? Демек, ДПМНЕ и Ахмети разбираат дека не може да се распишат нови избори, ако тоа не го стори Собранието, па ќе мора тоа да се конституира за да може да се самораспушти. И тоа ќе бил триумфалниот врв на стратегијата на малиот Нерон како да останел на власт, бидејќи никој не очекува дека е можно ДПМНЕ и Ахмети да загубат какви било идни избори што тие би ги организирале, оти минатиот експеримент со фер и демократски избори на кои загубија, не мислат уште еднаш да си го дозволат…

Добро, во зависност од политичките афинитети, човек може да се плаши од такво сценарио или да се надева на таков развој на настаните во Македонија. Но, мене ми се чини дека друго ќе се случува: без разлика на следните вратоломни заплети низ епизодите во серијалот „Маседониа тајмлес“, во даден момент ќе си се формира нова влада на чело со г. Заев, а криминалците на малиот Нерон, како Титови пионери фатени за рачиња, ќе завршат во затвор. Единствено не можам точно да предвидам што ќе се случува со самиот мал Нерон?! Се плашам владикава Агатангел да не ги дувне свеќите пред да ја заклучи вратата на камбанаријата и да не се одвезе на некоја утешна скромна владичка софра, да се замрси малку темелно пред постот што им следува…

Сашо Орданоски

Колумната е објавена во Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e