Горан Михајловски: Контаминирани инкубатори

Мора да е нешто многу гнило во државата штом во само една вечер засилени контроли на полицијата, само во Скопје биле затворени 13 кафеани и ноќни клубови. Што зборува тоа за системот на контрола за спроведување на законот, кога инспекторите морале да одат во инспекција во придружба на полиција оти се плашеле? И тоа не обична полиција. Туку специјалци од единицата за брзо распоредување на МВР. Каде одат да наплатат данок со специјалци? Во наркокартелите во Мексико и во Колумбија. Толку ли е урнисан системот, што државата морала да ангажира специјално обучени полицајци да контролираат почитување на законот за работно време, издавање фискални сметки, забрането пушење и забрана за точење алкокохол на малолетници?

Ако толку била распашана командата, тогаш можеби и војската ќе требало да ја пратат. Ама, животот нема да дојде ако секој викенд државата мора да ангажира скапо обучени професионалци да вршат инспекторска работа. Конечно, закон за забрането пушење и фискална дисциплина  и сите други закони не се спроведува со специјалци. Се спроведува со неселективно казнување на сите што го скршиле законот. И со казнување на корумпираните државни чиновници.  А не со казнување само на „вашите“, а не и на „нашите“. Со „пиштење и вриштење че има“ само за вашите. И со замена на „вашите“ со „наши“ агенции за обезбедување.

Не сум против полициски акции. Ама сум против полициски драми какви што гледавме во минатото и кои не сакам никогаш да се повторат. И нема потреба да играте мајтап со она „ако не па, тогаш да го вратиме ВМРО“. Оти ако продолжи селективното делење правда и корупцијата на државниот апарат, ВМРО не си ни заминало од власт. Само си го сменило името.

Пратениците од владејачкото мнозинство се правдаат дека не можат да си ги намалат надоместоците што ги земаат за патни трошоци оти „таков бил законот“. Па пратеници се. Тие се законодавци. Можат да го сменат законот.

А пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, им играат мајтап. И викаат: „Власта вети во предизборната програма дека ќе ги намали патните трошоци, па нека си најде решение“.

Пратениците во последниве десет години 34 пати го менувале законот за градба, а сега не можат да го сменат законот за патните трошоци. Закон за филм сменија за да може ТВ серија да добие 4,5 милиони евра народни пари од Агенцијата за филм, а сега не можат закон за патни трошоци да сменат. Којзнае колку закони имаат сменето за да може легално да наплаќаат од буџетот.

Ако можело да се менуваат закони за крадење, белким може да се смени еден и за штедење.

….

Целата колумна за СДК прочитајте ја тука

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e