Дувна ветре

Осум месеци по формирањето на Владата и три месеци по преземењето на управувањето со општините, власта сѐ уште е на „ќе“. Ќе направиме ова, ќе направиме она… Ние збориме за клучни реформи во судството, а тие ги земаат Вангеловски и Караџовски да им бидат советници. Медиумите ќе ги ослободуваа, а јавниот сервис МРТВ е последниот бастион на заробената држава од ВМРО-ДПМНЕ. Тврдокорните им се главна вест секој ден на вести. Реформите во јавната администрација се сведоа на непродолжување на договорите за работа на негувателките во градинките и учителките во основните школи. Новите директори ги менуваат под притисок на фејсбук и твитер заедницата со образложение за „невнимателно и несовесно работење“. А вмровските директори што седат во клучни институции не ги менуваат. Оти тие веројатно работат „внимателно и совесно“.

А бе ајде. Еден мерцедес осум месеци не успеаваат да го продадат. До сега на автопазар да го извадеа – ќе го продадеа. Може Груевски на старо ќе си го купеше, па ќе им го ренташе за специјални гости. Еден споменик, барем еден – оној на Ќосето, не успеаја да го тргнат. Милиони состаноци, комисии, елаборати направија, Ќосето уште дели правда. Една забрана за коли на Водно во викендите не можат да спроведат. И тоа беше мерка што беше поздравена од сите. За да не се вознемират тие што пијат кафе и си ги гледаат погрешно паркираните коли на булевар, полицијата одоколу им кажа дека можеби ќе ги казнува. Да не се потресуваат кога ќе видат пајак. Вртелешките вкупно вредни 340.000 евра уште не можат да ги натоварат на камион, а ваму се перчат дека „Скопје 2014“ ќе го демонтирале. Целата државна политика за борба против загадувањето се сведе на бесплатен автобуски превоз сабајле и плаќање карта навечер. Оти попладнето дувнал ветер. Јака стратегија е кога чистењето зависи од ветерот. А градоначалникот Петре Шилегов се фали дека во 2021 Скопје ќе бил европски зелен главен град. Како? Со стратегијата: „Петре, дувна ветре“.

Фантастични идеи. Ама овие од власта само за Фејсбук и Твитер работат. Оти реализација на идеите – нема. А ние уште им простуваме. Демек, ај нови се, им треба време. А времето поминува. Еве, пролет иде. До јуни може и името ќе го решиме. Ама со животот до кај сме?

Целата колумна на Горан Михајловски за СДК, прочитајте ја на следниот линк.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e