Државата што ја ослободивме од режимот ја заробија граѓаните

Пишува: Бранко Тричковски

Режимот што ја беше заробил државата обезбеди таа да остане заробена и по неговото пропаѓање- од граѓаните на кои тој им покажа дека преточувањето на државата во партиска и приватна сопственост, не само што не е правно и морално проблематично, туку е и приватно опортуно и национално одговорно поведение. Насочено кон разградување на државата како комунистичко зло низ процесот на личното усреќување и националното ослободување.Низ ликовите на кретенизираните поединци.
Голем број од луѓето што добија разни позиции во новата власт, не дојдоа на тие позиции за да не ослободат од овие искушенија туку дојдоа како што се доаѓа на ред во банка или во менза и на бензиска пумпа, дојдоа на ред без пари да танкираат бензин или да чепнат од стечајната маса на државата која и вака и така не ја бива.
Случајот со ДИК не е инцидент, туку е парадигмтичен.
Интервенцијата на Бејли повеќе се однесуваше на феноменот, отколку на конкретниот случај со вишокот на плати на групата сиротановиќи што копаат јаглен по 20 часа дневно.
Да се разбереме: не се тие забегани во просторот и во времето, тие се во епицентарот на општиот вредносен систем. Луѓето мислат дека живеат во држава сенка. Во нешто што се распаѓа. И во страв што ги ослободува. Неизвесноста е страшна. Има некоја рационалност во нивното поведение. Во културата на сеопштиот грабеж што се шири како калифорниски пожар.
Без граѓанската напластеност во себе и во околината, среде сиромашната политичка и општа култура, без или со сомнителна историја и историска основа на егзистенцијата, без подлабоки причини за постоење надвор од актуелните интереси, без државата во својата минимална строгост и праведност, тие се без сидра и ориентири.
Ова е филозофското кроки на ситуацијата што последен пат не возбуди преку безобразието и цинизмот на типовите и типките од таканаречената Државна изборна комисија, една од бројните платформи за грабежот за кој зборуваме
Еве и некои други аспекти на проблемот
Кај Руди Лазаревски наидов на податокот дека Македонија има 900.000 буџетски корисници и не повеќе од 200.000 вработени и газди кои создаваат некаква нова вредност.
И ги издржуваат и првите и сите други.
Се разбира, дека ова е крајно поедноставена стратификација затоа што и меѓу буџетарите има поединци или институции кои на еден или друг начин се вклучени во создавањето на новата вредност, но оваа корекција е сосема мала за да ги ублажи драматичните диспропорции меѓу тоа што во оваа држава се создава и тоа што се троши, диспропорции кои велат дека ние одамна сме требале да бидеме мртви да не се девизните дознаки од странство, кредитите и разните форми на помош кои на еден или друг начин стигнуваат во Македонија.
Споменатите 200.000 влегуваат во вкупната бројка од 560.000 вработени за кои се плаќа пензиско осигурување. Тоа значи дека имаме меѓу 230.000 и 430.000 невработени, при што вистината е многу поблиску до втората бројка.
Само превработеноста е поголем проблем од невработеноста, забележува Лазаревски, додавајки, ако добро го разбрав, дека и од превработеноста и од невработеноста, поголем проблем е истовременото присуство на овие проблеми во егзистенцијата на Македонија. Таа комбинација е “шах-мат”, нерешлива квадратура на македонскиот круг, тон на смртта, на кој Лазаревски му ја удира благата нијанса на својата пристојност, а јас контрастот на вулгарноста за која ме обвинуваат: ние се јадеме самите себе, како гладна змија која се голта откај опашката или какако животно кое заробено во стапица откинува парче по парче од себе, додека устата не дојде на ред да се лапне самата себе.
Пропадната држава.
Но, размислувајки за овие работи во деновите натопени со смрдливите испразнувања на тоа заробено животно, заклучив дека ние сме стигнале да и додадеме нова вредност и на неверојатната комбинација од страшната невработеност и застрашувачката превработеност, со тоа што на страната на невработените ја имаме кретенската квазиуниверзитетска продукција на безвезњаци и според структурата и според знаењата, а на страната на превработеноста ја имаме доминацијата на разноразни думи, силваневи, томислави, крлежи и пијавици кои сметаат дека нема ништо поприродно од тоа тие да се пумпаат со крвта на мртвото општество!
Совршено морално деформирани, професионално сомнителни или дефектни поединци кои пливаат во општа системска, институционална и морална баруштина како во идеална животна средина.
Тоа е третиот елемент кој му дава на општиот пораз дополнителна моќ, а четвртиот е фактот дека тој елемент се има обезбедено со нормативи по сопствена мерка, по мерка на сопственото крлежијанство, тие ги имаат прописите и процедурите како преторијанска стража додека јадат, крадат, се ебат, спијат и се размножуваат, како рептили под стакленото ѕвоно што самите си го имаат изградено во македонската менажерија, идеално одлепени од светот на реалните проблеми.
Ваквите проблеми и вака конфигурираните проблеми ги има произведено политиката, се разбира, со својот безмерно упропастувачки талент, но во последно време може да се каже дека тоа што таа политика го има упропастено, ја произведува неа, политиката, ја диктира. Проблемите ја диктираат политиката со идејата да останат нерешени, фала богу, не обратно, односно политиката ги одредува судбините на проблемите само според својата спремност да не ги решава, да ги репродуцира, да ги храни и мази. Тоа е.
Ова е спиралата на смртрта. Тоа е суштината на заробената држава. Груевизмот беше инструмент и идеја на заробената држава и таа, во форма на културна наталоженост, прекрасно функционира и по заминувањето на Груевски. Затоа што влече корени и од пред него и останува да се простира се додека ќе има што да се краде.
Заробена држава е кога државата е заробена од своите граѓани.
Кога сите, на некој начин, сме вмровци.

Сите сме импресионирани со нивото на кое грамзивоста ја преживеа смената на власта. И ги совладува очекувањата што ги формиравме во врска со тој епохален чин. Уште повеќе, на фонот на политичките промени и на очекувањата од тие промени, лоповските апетити стануваат не само повидливи туку и поиритантни. Нанесуваат огромни политички, морални и материјално-финансиски штети.
Ние сме потонати во длабока морална мил и во таква стуација наивно е да се оди на расчисување на проблемите со повикување на институтот оставка или со враќањето на парите како доволна казна. Остануваат две или три солуции: строго толкување и примена на законските одредби, со приведување и притворање и судско процесуирање, со максимално можно спуштање на критериумите, користење на административните регули за итно разрешување преместување, суспендирање и, конечно, високи и категорични политички изјави и осуди. Се разбира и нови законски регулации за проблемот на грабежот врз онсова на службените овластувања.
Ситуацијата е сериозна.
Сакам да нафрлам уште некои идеи:
Без одредено ниво на револуционизирање на процесите, од оваа кал не можеме да излеземе.
Власта мора да најде начин да излезе од заробеноста што јанманифестира кога ќе рече дека нема процедурални и нормативни можности да си ги врати парите што некој и ги украл. Без тоа таа обезбедува услови за ширење на пожарот за кој говориме.
Истото се однесува и за феноменот на кооптирање на компромитирани поединци и структури, тоа не е знак за некакво национално помирување, туку е знак за исплатливоста на криминалот.
Мора да се напушти тезата за националното помирување како најсмртоносна опција. Особено ако е тоа помирување со злото или во злото.
Мора да се престане со инкриминирање на делбите затоа што делбите по разни основи се дефиниција на нормалноста и на напредокот.
Јас би ја напуштил паролата “живот за сите”, луѓето ја разбираат погрешно, таа води кон бришење на разликите, позната ми е благородноста на идејата што стои зад неа, но со таа парола, просто, не може да се оди напред.
И, конечно, ние сме култура која во услови на благородната добронамерност на Заев повеќе тендира да се хаотизира и да се атомизира, да се разградува, отколку да се обединува во идејата за доброто. За жал. Гравитациониот центар мора да биде изграден од строгост и дисциплина.
Новата власт ризикува феноменалниот успех на надворешнополитички план да го плати со ширење на внатрешната гнилеж. Тоа се должи, меѓу другото, на лошата екипираност и на лошите критериуми на екипираноста на многу позиции, на недостигот на луѓе кои ќе и даваат тон на бескомпромисноста, на храброста, на праведноста и, се разбира, на компетентноста.

(Колумна во “Слободен печат”)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e