Драма во СДСМ, чин трети

Кога пред повеќе од пет месеци, на почетокот од септември минатата година, почнав да ги пишувам овие дневни колумни (секој работен ден, во осум изутрина, на www.civilmedia.mk, „Добро утро со Орданоски“ и филџан утринско кафе), првиот објавен текст го носеше насловот „Драма во СДСМ“. Првата реченица од таа колумна ја најави суштината на текстот: „Драмата низ којашто поминува СДСМ три месеци по формирањето на Владата е драмата на нивната кадровска политика.“

Во меѓувреме, тој трилер се разви, тогашниот прв чин доби бројни продолженија, а деновиве, се чини, влегува во фаза на драматична експлозија: едно патемно именување, со времен договор за дело, во Министерството за одбрана, на една новинарка, некогашна главна уредничка на пропаднатиот „Утрински весник“, предизвика толку силна бура од јавно незадоволство, што се заканува со сериозни политички последици не само за министерката Шекеринска, туку и за целата Влада.

Не треба да е човек многу паметен за да сфати дека причината за ваквата масовна негативна јавна реакција не одговара на „димензиите“ на поводот: голема работа, се случило некое договорно ангажирање на некого за некаков проект во некакво Министерство… Сепак, станува јасно дека се работи за „тригер“ чиишто причини се далеку посериозни од самиот повод.

Да потсетам на текстот од септември: „По стотина дена на власт, незадоволството од кадровската политика што, низ меѓусебните преговори, ја водат Заев и Шекеринска (а потоа и со целата владејачка коалициска какофонија) е големо: во разни ешалони на партијата им врие, јавноста се забавува или се иритира со разни прва-рикверц кадровски решенија и на важни и на помалку важни места, во цели сектори (во здравството, на пример) разочарувањето е речиси превладувачко чувство, а стотици двигатели на режимот на Груевски, сега ослободени од перманентниот психолошки и криминален мобинг на кој цела деценија беа изложени од сопствената ВМРО-партија, сѐ уште комотно се заседнати по разни државни столчиња на кои одлучуваат за пари, политики, службени патувања и работни ангажирања… Убавина!“

Јасно е дека од пред шест месеци, до денеска, кадровската политика на СДСМ не се прослави. Во таа партија, гледаме, нема функционален систем за градење на кадровски решенија, што е резултат на високата партиска централизираност во која, во значаен дел, кадровските одлуки се прашање на „кујни“, интересџиски врски, корупција од секаков вид и, конечно, решението на два-тројца луѓе на самиот врв од пирамидата.

Ова не значи дека СИТЕ, па дури ниту дека повеќето кадровски решенија на лидерското дуо Заев/Шекеринска се лоши. Но, значи дека, кога наскоро ќе ја прават реконструкцијата на првите два ешалони на Владата, ќе мораат на поинаков начин да се позанимаваат со критериумите и со кадровските процедури според кои ги бираат соработниците.

Задачата им е дотолку потешка бидејќи живееме и во еден друг, „постреволуционерен“ феномен на кој е подлегната јавноста: бидејќи претходниот режим се рушеше со вонредни, „општонародни“ политички средства, по ослободувањето во неа веќе превладува мислењето дека секое кадровско именување во секој државен кабинет и канцеларија треба да го помине „ветото“ на општото врескање по социјалните мрежи, каде критериумите во расправата се оние на, токму, кој повеќе вреска во општата атмосфера на линч.

Дополнително, постои и еден потесен и влијателен круг на креатори на јавното мислење, вон самата структура на власта, кои сметаат дека, ако тие не бидат прашани за секоја, не само кадровска, одлука на власта, тогаш е тоа автоматски доказ дека во државата нема демократија и дека владее хаос. А не мора да значи.

Сепак, формулата на Заев дека политичкиот успех е нижење на различни промашувања без да се губи јавниот ентузијазам за постигнување успех, има рок на траење. Прогнозите за тоа кога ќе истече овој рок може да се различни, но лошите кадровски решенија само го скратуваат.

Сашо Орданоски

Извор: ЦИВИЛ Медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ