(Дис)континуитети

Барабите се групираат. Впрочем тие секогаш се групирани. И вршат притисок. ОНИ вршат притисок (!), одат по кабинети, пишуваат писма, звонат на телефони. И наместо да ги вратиме под камењата од каде што излегле, ние им оставаме дополнителен простор да се размафтуваат! И да мислат дека се’ уште се главни, дека командуваат, распроредуваат и прераспоредуваат … Зошто?

Бидејќи некои од нив (велат) биле угледни творци и културни работници, професори-писатели, актери и не-знам-што друго. Луѓе божји – бараба е бараба, без оглед на професијата. И угледот, ако навистина го имале. Ама – каков углед? Една безобразница ми пишува дека сум бил против нашиот единствен „бренд“. Што имам јас да бидам против некого, бренд или не? Немам попаметна работа? Ама, кога таков „бренд“, го чека шефот на криминалците час и половина за да започне со концертот, е извинете ама тој за мене е само клиент и ништо друго! А и сите други клиенти на криминалната банда беа одлично платени од газдите за нивната верност. И углед, кој што го ставија пред нивните нозе. И сега – повторно ќе го почнуваме истиот филм?

Затоа проблемот на контнуитет и дисконтинуитет што го потенцираше Фрчковски е витално прашање на македонската култура, денес и овде. Ако ние, денес и овде, не покажеме, и докажеме, дека дефинитивно сме раскрстиле не само со клиентелизмот (и не само) во културата туку и со главните клиентелистички перјаници на бившиот режим – можеме да одиме да се сликаме. За едно групно фото, сосе нив, во гобленска рамка. Зашто токму на тоа ќе ни лични културата: на групен кич портрет во позлатена гипсена гобленска рамка! Нешто сосема слично на „проектот“ на Томче „Тинекс“ и кураторот му Саркањац – да, онаа будала која што се потсмеваше на Телекомуникацискиот центар (популарно „Пошта“) на Константинов, а австриски стручњаци го сметаат за едно од најважните дела на архитектот! – за овогодишното Биенале во Венеција! А да го кандидираме уште еднаш, овојпат за утрешното архитектонско биенале? Којзнае што ќе смислат две луди глави?

И ако многумина говорат за, на пример, „радиоактивен отпад“ (Мишолиќ), „набабрени, мрсни гадинки кои се закачуваат на здраво место и цицаат крв“ (Дерала) и уште редица слични сочни дијагнози за нашиве актуелни „брендови“ растрчани низ владините кабинети како најдолни баби оговарачки – а меѓу нив, богами, и по некои разгоропадени „шарени“ кои почнуваат да темнеат – тогаш што е и каква е нашата актуелна дилема? Дека македонската култура ќе остане без („угледни“) творци, без „брендови“, без – што? Та дури и да е така – а не е – зарем е тоа оправдување да толерираме разноразни бараби уште цела една деценија, можеби повеќе, безмалу до пензија? И што ќе им кажеме на оние кои беа вистински малтретирани, понижувани, прогонувани, дискриминирани сиве овие години токму од сега растрчаниве пулени на македонскиот културен клиентелизам? Едно учтиво извинете, какво што, веројатно, ќе добие и Кежаровски за неговото неколкугодишно лежење во апсана, сега после дефинитивната разврска на случајот во кој што беше и тој обвинет? Или, можеби, навистина некој мисли дека со нив на чело одново ќе почне изградбата на македонскиот културен систем? Со лабилни митомани, офуцани актери, измислени величини, вечерношколски курсисти и остала багра? Со оние двене, трампаџиката и библиотекарката – сега реактивирани – а кои во името на партијата (и „државата“, се разбира) плаќаа илјадници евра за ѓубре, прогласувајќи го за национално богатство? Со дивине копачи со солидни државно-управни плати кои „службено“ (и пак во името на партијата) го разнебитија македонското културно наследство? И впрочем, зошто добиваме дозирани информации за хонорарите, на пример, само на она смешноно театарско-дипломатско чоече-режисјорче кое едновремено изигрувало и сценограф, читач, преведувач, костимограф – пардон, тоа била ќерка му – а не и за сите други гниди за нивните „сценарија“ од по петнаесет-дваесет илјади евра, за нивните филмски рифеншталски актробации од по милион евра, за нивните алуминизирани хонорари за секој испрдок на нивните болни мозоци? Колку, на пример, не’ чинеше изложбата на „госпожана“ говорник и нејзините пет реченици пред тврдокорните, и таа очигледно алуминизирана, или јонизирана, којзнае, заедно со нејзиниот? Та нели и таа беше угледна уметница, уште малку па бренд? Па дајте да ја искористиме, сега за некоја друга пропаганда!

Сепак, сигурен сум дека ние всушност и немаме дилеми во однос на (дис)континуитетот. Но, тоа мора да се покаже и на дело. Ако не денес, барем утре. Ама да се покаже – јасно, јавно и цврсто! Секоја релативизација на очигледното е во полза на континуитетот. А континуитетот е во полза на криминалната банда и нивните трабанти. И тоа е толку јасно што појасно не може да биде! Ако ништо повеќе, македонската култура им должи (барем) шанса на сите оние генерации кои едноставно не успеваа да го пробијат кордонот (и буквален и фигуративен) на клиентиве и соработнициве на минатиот систем. А таа шанса не може да се добие со истиве повторно на државни јасли и во првите редови. Таков резил и бесрамен континуитет нема да може да издржи ниту една култура, не пак македонската култура, сега се’ уште во нокаут од минатиот систем, но со првични оправдани надежи што мораат да бидат порешително потврдени.

П.С.

Апропо, во светлината на континуитетот и дисконтинуитетот: може некој рационално, логично – особено во контекстот на „репутацискиот ризик“, за кој пишува Геровски – да ми го објасни доделувањето на плакета (за некакви заслуги, што ли?) на Камчев? А зошто тогаш не и на Груевски, на пример?

Златко Теодосиевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e