Давос, даваш, давам!

Естетиката на средбата во Давос му даде на грчко-македонскиот спор за името димензија на спектакуларност и светскост. Што нема да остане без одраз на политичките аспекти на решението на најзаебаното блаканско прашање од аспект на европската рационалност. Двајцата млади лидери како да беа однесени во швајцарските Алпи со хелихоптер на НАТО, директно од некоја јахта во Црвеното море. Благо чоколадизираниот тен на нивните лица, широките насмевки и лежерниот тон, чудната комбинација меѓу холивудскиот и кански гламур и неформалноста што зрачеше од раскопчаните кошули, сугерираа сигурност со која младите лидери можат да ја потчинат темата за името. И која било друга тема. Што потоа многу убедливо го демонстрираа во официјалните изјави. Веселите сесии со министрите за надворешни работи ја нагласуваа оваа димензија на настанот.

Таа и таква спектакуларност беше можна затоа што беше важна контракција во рамките на европските и светски решености да се реши проблемот со името односно едно абортирано европско чедо да се врати во утробата на мајката Европа.

Давос, даваш, давам- така би можеле да ја крстиме оваа финална рунда.

Знам дека ќе бидам обвинет за злоба, но, морам да кажам дека ваков настан не беше можен додека на чело на македонската администрација беше човеколикото, шаткасто чудовиште, со нос од куртовска капија и замрзната цинична насмевка на лицето, авторот на неверојатните компликации на проблемот и со проблемот, до нивото на кое го беше форматирал како свесна и систематска велепрадваничка алатка.

Од политички и од естетски причини.

На некој начин беше убаво да се видиме себе си како земја и нација, како општество и култура, под рефлекторите на светското внимание и очекувања, со еден благонаклон и добронамерен, дури би рекол благороден став, понуда и поттик.

Така што капа доле за господинот Ципрас и за господинот Заев.

Не се сомневам дека во рамките на сите светски рефлексии за овој настан, соодветни информации ќе стигнат и на адреса на Нобеловиот комитет во Осло. Зашто, од оваа важно естрадно ниво може убаво да се види и генезата на проблемот, неговата политичка тежина, импликациите од нерешевањето и благородните последици од решението на спорот. Како за односите меѓу двете блакански држави, така и за важни аспекти на регионалната политика, стабилноста и безбедноста, со не безначајни европски и глобални одрази.

Проблемот со името, како што е познато, ја закочи евроатлантската агенда на Република Македонија. Се разбира, во меѓувреме, Македонија успеа да произведе и бројни други внатрешни кочници. Шекеринска е во право, името не беше единствениот проблем каков што го прикажуваа од режимит на ВМРО-ДПМНЕ, но беше главен проблем и сам по себе и по тоа што тој проблем ги отвори вратите на невидената внатрешна деструкција од страна на злосторнилкото здружение на господинот Груевски.

Тоа прашање ја закочи и европската и пошироко западната политика во овој дел на светот. Заокружувањето на римландскиот појас на НАТО, посебно. По интеграцијата на Црна Гора, Македонија и Србија останаа воздушни дупки во тестото на Северноатланстаката алијанса што се шири од северот на Европа и оди долу на југ до Грција и Турција. Тоа беше проблем во сите варијанти, а особено дојде до израз во новите аспекти на руската надворешна политика, преку поагресивно присуство на Балканот, имено, во обиди да се спречи тоа заокружување на натовскиот појас со прекини на синџирот секаде каде што е тоа можно.

Од главен фаворит на европската надворешна политика во периодит до 2006 година, Македонија се претвори во главен проблем, од пример за решавање на меѓуетничките прашања (Охридски рамковен договор) во пример за опасна политичка импотенција со можни импликации и врз меѓуетничките релации.

Разорувањето на општеството, на неговата културна, морална, естетска и финансиска основа, во одредени фази на режимот на Груевски беа оценувани како модалитети на совладување на отпорите на младата држава и нација, меѓу другото и за решавање на спорот за името, но во напреднатите фази овие процеси се заканија со опансоста да се претворат во неконтролиран и комплетен распад и затоа ВМРО-ДПМНЕ ја загуби подржката на меѓународната заедница, а СДСМ ја доби.

Расправата околу одговорноста за појавата и опстанокот на проблемот со името ќе не однесе многу далеку. Не мислам дека во овој момент е паметно да се занимаваме со тоа, но сепак треба да се каже дека невината позиција на Македонија од самите почетоци на спорот, се деформира во агресивна и провокативна алатка на еден злосторнички режим, во политика која во нуту еден момент не се обиде да разбере макар некои аспекти на грчките стравувања, и на сопствените тешки загуби, додека позицијата на Атина еволуираше од нивото на патетичните, смешни и агресивни стравови, на почетокот на спорот, до идејата за истоштување на Македонија и на ставот дека би можеле да остават едно парче Македонија и во името на северниот сосед. Република Македонија во спорот беше посилна во правна смисла и во врска со тоа има и официјална пресуда на судот во Хаг, едно време беше посилна и во морална, па и во политичка смисла, но полека ги губеше тие позиции и заедно со дефектите на историската и културната идентификација, со глупавите амбиции дека копирајтот на Македонија во сите свои димензии, е тука меѓу Богородица и Табановце, не однесе во аут.

Јас го разбирам оваа финале на процесот на решавање на името како драматично исчекорување во нова културолошка димензија на Македонија и посебно на Македонците. Во отворање на нови аспекти на саморазбирањето. Во статус на себеослободување. Во нова основа на постоењето. Окако ја изедовме асномска Македонија, а вмровската ни се прикажа во сиот свој вампирски сјај, договорот Заев- Ципрас е можност да се пресоздадеме во културна и во вредносна смисла, а не само да решиме еден политички проблем.

Тој договор е како пипс за домашните шовинистички муви, тој ги провоцира, тие шмркаат од давоскиот спреј и неконтролирано се удираат во џамот на европските перспективи. ВМРО-ДПМНЕ, односно остатоците од тоа злосторничко здружување, веќе се исправени пред два модалитета на својата смрт како таква екипа: да ги поддржат овие процеси и самите да се модернизираат низ нив и на тој начин да престанат да постојат како зло или да им се спротивствават и да умрат како зло. Последните најави велат дека екипата околу Мицковски, сепак, ќе се реши за првата варијанта. Прекрстувањето на автопатот и на аеродромот, е минимален знак за вразумувањето на оваа мала државичка. Не гледам причини зошто не би се распишал меѓународен тендер за демонтажа и откуп на Александар, на коњот Букефал со лавовите и преторијанците, без да се крене ниту грам прашина. Зошто не би ја вратиле Ленинова. И Мексичка. Ако имаме булевар Србија, зошто не би имале и булевар Грција. Зошто не би ја поканиле Грчката филхармонија, зошто не би отвориле нови гранични премини, зошто да не би стигнале до европските фондови. Никакви промени на никакви устави или други документи не смеат да бидат причина за блокада на овие историски процеси.

Господине Заев, ја имате сета поддршка на возбудливата екипа од кафето “Корзо”.

За екипата од “Мериот” не сум сигурен, но мислам дека и оттаму ќе стигнат позитивни знаци. Загриженоста на Меркел во врска со национализмот е јасна порака дека грчко-македонското зближување ќе се третира и како основа на новата балканска парадигма.

Бранко Тричковски

(Колумна во “Слободен печат”)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e