Ципрас и Заев во Давос – почеток што ветува

Ви пренесуваме дел од колумната на Ерол Ризаов за „Независен“:

Првпат гледаме двајца насмеани премиери, на Грција и на Македонија како по три часа дијалог, откако поминаа три децении тешки и мачни разговори на нивните претходници кои не постигнаа ништо значајно освен попречување на евроатланските интеграции на младата соседна држава, праќаат порака до јавноста со ведрина дека е можно да се најде прифатливо решение за двете страни кое ќе означи добри меѓусоседски односи. Мене ми се видоа премиерите како подготвени за историски исчекор, иако тоа треба да се прими со резерва бидејќи политичарите се добри глумци. Колку и да се преправаат, убаво беше да се види и да се чуе таа снимка од Давос на озарени и добро стокмени најодговорни личности, претседатели на влади, која секавично го обиколи светот. Поголемо внимание предизвикаа нивните ликови, убав изглед и насмевки отколку тоа што го кажаа, иако е многу позначајно. Но, сепак, прерано е да се даваат пренагласени и дефинитивни оценки „за“ и „против“. Место за еуфорија нема.

Слабо е тоа прво ветре што дувна од швајцарските планини да го расчисти смогот над Скопје. Тоа е само добар почеток што ветува ако не среќен, барем прифатлив крај на повеќедецениската блокада на Македонија во остварување на нејзините државни, стратегиски приоритети за членство во НАТО и во ЕУ. За нејзината иднина.

Имаат право тие што тврдат дека Алексис Ципрас и Зоран Заев си личат како да се браќа. Уште повеќе ќе заличат ако ја завршат работата, ако не како браќа, барем како пријатели. Верувам дека овие двајца млади и неоптоварени луѓе со лажен патриотизам и национализам ќе имаат доволно храброст да испишат нова страница во историјата меѓу двете земји која е полна со тешки наслаги и никогаш неизлечени рани. Ако останат осамени во тие намери и да се најискрени во своите определби, кои јавно ги соопштуваат, тешко ќе успеат. Без поширока поддршка дома, во нивните земји, од сите релевантни политички партии, парламентите, владите, претседателите на државата, интелектуалните, академски и универзитетски и деловни елити, тешко дека ќе се постигнат нешто повеќе од формални средби каде што многу бргу насмевките ќе се претворат во намрштени лица и препреки кои неминовно завршуваат како уште еден неуспешен обид да се направи прифатливо решение за иднината на Македонија. Тој филм го гледаме цели 27 години. Имаше добри оправдувања, немаше решенија, во изминатите 27 години Македонија покажа дека не може сама без поголема поддршка на Запад да изгради просперитетно и демократско општество, дури и покрај големата неповратна финансиска помош и големите позајмувања пари од светските банки. Потрошени се повеќе десетици милијарди евра, направен е огромен долг, а резултатите се далеку под просекот на ЕУ во сите области што ги мери европската статистика. Практично, Македонија по осамостојувањето во изминатите 27 години во однос на европскиот просек назадува.

Ако се реши наметнатиот проблем меѓу Грција и Македонија, на заемно задоволство, тогаш блиску е до здравиот разум дека добрососедските односи на сите балкански земји ќе се подобрат, што ги отвора ширум вратите за формирање западнобалкански Бенелукс, во рамките на ЕУ. Ако можат да најдат заедничко прифатливо решение Грција и Македонија, тогаш можат да најдат решенија за своите недоразбирања и конфликти сите на Балканот.

Целата колумна на „Независен“ на следниот линк.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e