Чувари на плажите во зимскиот период

Фала му на Бога, будното око на македонската критичка (а не хистерична!) демократска јавност конечно ја регистрира и ја раскринка бандата на оние двајца превеани културно организирани криминалци Звездан Георгиевски-Ѕвеки и Сашо Кокаланов-Шеки (заради рима), кои сакаа на подмолен начин да го олеснат Буџетот на државата Македонија за неутврдена сума на пари, која би се движела некаде цирка петстотини евра!
Е, нече мочи, дечки – кап за врат, судир на интереси, него како! Враќајте тоа парите! „Ама, не сме ги ни добиле…“ Море, враќајте авансно, гнаси криминални, вие ќе ми драматизирате книги и ќе правите театарски претстави! Ај, мрш таму да пиете пиво и да не сте зуцнале веќе до крајот на мандатот на оваа реформска влада!

Така, отприлика, изгледа разложната, аргументирана расправа во јавноста по повод доделувањето на неколку стотици грантови за поддршка на разни културни продукти пријавени на годишниот конкурс на Министерството за култура. Според познатото правило дека кога се делат државни пари сите се незадоволни – тие што не добиле, бидејќи не добиле; тие што добиле, бидејќи добиле помалку одошто се надевале – во јавноста реакциите експлодираа како кога експрес лонец ќе пукне од мака! Се водат бескрајни јавни расправии за неколку илјади евра, се ‘рже како кога кучиња ќе се разлаат околу изглодана касапска коска, небаре се работи за имотно-правна постапка за поделба на комбинираното наследството на Кралицата од Саба и Аристотел Оназис!

Некако ми се чини дека одиме од една, во друга крајност: додека Фамилијата не се заморуваше со делење пари по конкурси и тендери без однапред сите да знаат (и никој да не смее да писне!) кој е победникот за милионските суми (во евра) што се даваа за строго наменски проекти од квази-културата и кичерајската уметност; сегашнава власт воспоставува принципи на народни одбори во кои лумпен-пролетерите, со примена на критериумите за другарска критика и самокритика, фрлаат трошки на сите страни за сите патки, шатки, гуски, кокошки и петли во културната бара да имаат што да колвнат. Никој нема да се најаде, но идејата е никој да не цркне од глад. Од тоа, врвна култура и уметност не се ни очекува.

Тоа дека покривите на повеќето културни институции во државата протекуваат, знаеме; а ќе продолжат да се крпат и лепат и откако ќе заврши сегашниот министерски мандат. Прашањето е по што ќе се запомни тој мандат? Кои уметнички проекти или кои културни концепти ќе го дефинираат? Ќе има ли свежина и новости – макар и контроверзни – во таа смисла, или сè ќе се сведе на тепачката и големите афери за по пет-десет илјади евра на годишните конкурси за финансирање проекти од областа на културата? Или, можеби, ќе биде запамтено по фејсбук линчувањата („шарена инквизиција“, Кокаланов) и лечењето фрустрации на разно-разни апетитлии за јадење на децата на револуцијата?

Вака изгледа состојбата во многу клучни области од функционирањето на државата каде врвните функционери од оваа власт се однесуваат како чувари на „плажите“, доделени од Владата, во зимскиот период. Како, на пример, интендантската појава на еден Коце Трајановски да сте ја клонирале во десетина различни министерства. Па, не го сменивме Коце за зимоска да му ги чуваме палмите, побогу!

Сашо Орданоски за Цивил медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e