Будалите немаат рогови

Ако се обидувате да ја докажувате глупоста со аргументи, ризикувате да испаднете поголема будала од тој што ја направил и ќе поарчите бадијала скапоцено време од животот . Будалите немаат рогови за веднаш да се распознаат. Затоа најдобро е понекогаш, кога е веќе направена голема будалаштина, да оставите самата да се разоткрие. Се разбира, легитимно право е да се поднесат 35.000 амандмани на третото проширено издание на законот за јазици за да се спречи „неуставен“ и „опасен“ закон за уривање на територијалниот интегритет на Република Македонија, спакуван за парламентарна дебата во време кога националните интереси и целата енергија треба да се насочи кон историска одлука за иднината на Македонија, со кои и какви отстапки ќе стане членка на НАТО и на ЕУ. Целата оваа ѓурултија ми наликува на средновековна црковна дебата на језуити колку ангели можат да застанат на врвот на една игла.

И сега пак со демократско право, исто такво како за пишување на 35 илјади амандмани, би било ептен доследно на првичната глупост тие да се преведат на албански, а зошто да не по Бадинтер и на српски, на турски, на влашки, на бошњачки и на ромски јазик, па да почне еден по еден наредните три години да се води длабокоумна расправа, до крајот на мандатот на оваа влада. За конечно да се одлучи на колку јазици ќе им кажеме на сите разбирливо дека државата отиде во расуло благодарение на мудрата политика што ја водат власта и опозицијата, а најмногу искусниот реалист од резиденцијата на Водно кога става вето за создавање поволен амбиент со отворање бесконечна патриотска расправа, бидејќи во овој закон опозицијата и авторитетни научници генијално ја препознаа опасноста на која предочи лично со глава и брада претседателот на државата Ѓорге Иванов во своето обраќање во Собранието, кога откри голема вистина дека законот не го засега македонскиот јазик, ама е опасен за нарушување на унитарноста на државата.

Со други зборови, поголемата употреба на албанскиот јазик стана закана за територијалниот интегритет на Македонија. Тоа е многу силен аргумент да се стави вето на закон кој ќе ја распадне Македонија. Кога е во прашање таква опасност, нема потреба никој, па ни големите научни авторитети да појаснуваат разбирливо и на македонски јазик како тоа поголемата употреба на албанскиот или други јазици ќе ја наруши унитарноста на државата. Крокодил летает, так сказал товариш полковник и готово, и крокодил летает и магарето лета.

Целата колумна на Ерол Ризаов за „Независен“, прочитајте ја на следниот линк.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e