Бојата на глупоста

Има извесна доза на мазохизам во експериментот што го спроведува Бранко Героски, иако и тој веројатно знае дека тоа никако не може да заврши добро по него. Откако широкоградо, како некаков самокандидиран Дон Кихот, реши врз себе да ја превземе улогата на претставување на пристојната и критичка јавност во Македонија (задача толку тешка колку и дефиницијата за тоа кој, како и зошто ја сочинува таа јавност; а и што, баш, па Героски решил да ја претставува?), се одлучи да го следи „бумбарот“ на македонскиот политички полусвет кој – бумбар како бумбар – го однесе на… знаете веќе што.

Не му е прв пат на Героски да чепка со стапче кај што не треба, па потоа да се буни и други да прозива затоа што се шири смрдеа; напротив, само што овој пат тоа го направи и физички, а не само во светот на виртуелната реалност во кој со својата трескавична фејсбук и друга активност сака да им парира и да им доскочи на сите анонимни и автентични будали кои решиле токму во расправи со него да шират омрази, теории на заговор, дезинформации и разни други петпарачки глупости.

Вчера изведениот (врз Героски) перформанс на простотилак на кој беше сведок целата македонска јавност, во суштина, е на линија на истите активности кои до неодамна ги организираше и спонзорираше партијата на Фамилијата кога, во очајот на својата демисија, се плукаа новинари и јавни личности по паркинзи и кафеани. Таа општа „миленковизација“ на јавната сфера, во која ВМРО-ДПМНЕ вложи толку силна енергија и многу средства, иако, на крајот, не му помогна на Груевски да остане на власт, сепак (и заради својата долгогодишна курирско-протуѓеровска изведба) дава резултат во разградувањето на моралните и професионалните стандарди во политичката култура во Македонија.

Полициските доушници, одвратните медиумски пропагандисти, криминалните мешетари и мижи-бутај активистите од урбаниот полусвет добија иста тежина како и оние кои се трудат да останат професионалци и чесни во своите доблесни занимања. Политичко-медиумската и стручната општествена маргина ја довлечкаа во центарот, ја налицкаа, ја платија, ја наградија и со печатот на државата (а и со методите на тајната полиција и нејзините „приватизирани“ филијали) ја оверија како легитимна позиција за ширење шашми и магли, ем заради одмазда кон способните и поради сопствените општествени фрустрации, ем за да оттргнуваат внимание додека тие безмилосно го пљачкосуваа општественото богатство.

А публиката френетично и со навивачка страст – небаре се работи за оценување на некој од задниците на семејството Кардашијан! – шерува и става лајкови, како брутална форма на анонимната жед во јавноста за „крв и секс“ и за хранење на своите ниски и најниски воајерски политички страсти.

Кучешки некои времиња, друже бојосан Геро. Дон Геро.

Сашо Ордановски
Извор: Цивил

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e