Mислев да го почнам овој текст поинаку, но изјавата на министерот Димитров ме фасцинира со можноста полесно да ја формулирам спротивставеноста на својот став на општата хистерија и затоа тргнувам со него.

“Никој не може да го оспори правото на нашите граѓани да бидат Македонци…тоа не може да биде предмет на преговори, бидејќи не е предмет на одлука туку е резултат на историски процес.”

“Да, господине министер”, реплицирав јас “и токму затоа, односно затоа што идентитетот не е предмет на одлука туку е резултат на историски процес, ние, односно вие, можеме/можете да потпишеме/потпишете што кој било сака во врска со името, за доволно пари, време и пласмани во модерниот свет!”

Овој, коперникански, би го нарекол, пресврт во филозофијата на темата, го сведува проблемот со името на тоа што од почетокот беше, независно од грчките амбиции и македонските стравувања и лажни надежи: на техничко прашање, чија лажна политичка и идентитетска содржина, им помогна на македонските бандити да ја опљачкаат и разградат државата и општеството, а на простиот народ му овозможија да мисли дека во тоа непофторливо насамарување и начукување, во таа невидена деградација, бил на браникот на татковината.

Хахаха!

Грција и меѓународната заедница, нормално, чекаа вмро-дпмне да ја доведе македонската десубјективизација до предраспаѓачко ниво за да ни го испорачаат ова што ни го испорачаа деновиве: мали, лепи, ултиматумчиќ!

Кој треба да се прифати, да се разбереме, без ниту најмала резерва, особено не во однос на багристичките изливи на срамот и комитскиот фолклор, вмро стајл, на тие кришки намачкани со попска простоќа што деновиве маршираат како што маршираа против тиранската платфирма или против се што е нормално, прво, поради толкувањето што е понудено погоре, второ, затоа што можностите на Македонците да не одат во добра насока се додека имаат и најмали шанси да одат во погрешна (Марфи), не се исцрпени со понудените решенија на Нимиц и Коѕијас; ние се уште ги немаме максимизирано штетите на своја сметка (пофторно антимакедонецот Марфи) и, трето, симнувањето на темата од дневниот ред ја вади Македонија од балканската кал и ја лансира во нова, убава, европска, перспективна димензија.

Што тука не е јасно!?

Битката не е за името, злобниците би рекле, да ви го начукам во уставното име, само најтешките будали се во состојба да поарчат триесет години од животот во одбрана на таква свињарија, туку за опстанокот, тоа е како за детето што ви е болно да решавате дали ќе остане живо или ќе се вика Трпе, при што Трпе е другото име на смртта!

Да се приземниме!

Некои народи во народните преданија се глупави, други се мрзливи, трети се мудри, четврти се убави, пети се мераклии, итн.

Но, како, така кратко и ефектно, може да се опише народот кој својата држава ја раскина како што младо кутре кине нова крпа, ресички од персиски тепих со сто илјада врзола, гајтан за струја, патики “адидас” или, како во мојот случај, скапи слушалки “Баердајнамикс” од 950 евра, нација која ја има растурено својата држава како што дете растура восче на навивање, која што ја згази таа држава како пијан говно или како шлепер жаба, што би рекол заборавениот Црвенковски, жив ли е човекот, бе, бај д веј, која се измоча обилно и смрдливо врз дарот на својата борба и на добрата воља на историјата како врз скапа икона, која од државата направи мрсул на повеста што во услови на птичји грип ја замоли да го капне тука, меѓу Евзони и Табановце, која направи од државата варена говедина, но, не во француски коњак, туку во македонска мочка, што ја изеде и прсти излижа, па прилегна пред телевизорот на животот да прежива и да го брани достоинството на тоа што го испосрал!?

Еве како на темата се осврнува господинот Ранко Дакиќ:

“Опљачкани се и понижени историјските вредности, разместени се, срамно понижени и опљачкани гробовите на оние што ја граделе и го дале животот за оваа земја,…опљачкано е образованието, црквата, уметноста, опљачкани се шумите и воздухот, опљачкана е можноста и правото за достоинствен и подобар живот за секој граѓанин, посебно на најнемоќниот, најслабиот, целиот тој монструозен грабеж е направен под големиот национален слоган, “името и идентитетот”.

Десет години големите патриоти од тој идентитет правеа бурлеска, а од луѓето кретени и сега тие истите кобејаги нешто бранат или не даваат, нема тука што да се брани ниту да се дава, пошто го нема, има само сув кожур смачкан на асвалтот.

Денес Македонија е пред нова идентификација, идентификација која ќе го започне процесот на враќање не опљачканиот идентитет и идентификација за враќање на сите човечки вредности кои беа ограбени во минатото. И посакувам на новата влада храбро да чекори во таа насока, а името може да биде и број, ионака тоа е само симбол составен од букви…”

Но, не, секој ден се шири паника преку ставовите колку биле тешки и сложени преговорите.

Што е тука сложено и тешко!?

Јас ќе ви кажам што е сложено и тешко:

Сложено и тешко е да живеееш во држава која те хендикепира во старт. Те хендикепира тебе и твоето семејство, сите ги хендикепира. Речиси дека нема никаква друга смисла освен тоа да ги хендикепира своите граѓани. Ги хендикепира вредносно, јазички, културно, морално, како што може да хендикепира секоја малку појебана вукојебина, што би рекол Анте Томиќ.

Што е Република Македонија!?

Јас ќе ви кажам!

Инструмент за пљачка на граѓаните!

Акционерско друштво за грабеж на општеството!

Место во кое во нежниот допир со власта се трупаат богатства за кои можат да сонуваат трговците со дрога, оружје и бело робје. Можеби, не во сумата, но, во леснотијата хахаха, ами како!?

Дали е уште нешто?!

Не е!

Може ли да биде?!

Може, ако се одлепи од себе, од својата простоќа и глупоќа, односно ако отиде на Запад, категорично и беспоговорно.

Што тука не е јасно!?

Е, сега, ако сакате да останете со Ќулафкова и Мицковски, со Керолајн, со Румена до умерена, да не ве вознемирува никој и ништо освен сопствената мизерност и умисленост…

Бујрум.

А Уставот!

Уставот е за во уста на тој што се курчи!

Колумна на Бранко Тричковски за “Слободен печат”