Перез де Варгас: Македонија игра без клучниот играч кој може да направи разлика на секој меч!

Шпанија без никакви проблеми ја декласираше Ангола со 42:22 и дефинитивно го завери својот пласман во осминафиналето на Светското првенство, но повеќе од јасно е дека „црвената фурија“ ќе брка победа и на преостанатите два натпревари во групата со цел да добие што полесен противник во наредната фаза.

Еден од тие два дуели е оној против избраниците на Лино Червар, а пред истиот изјава за „Дерби“ даде Гонзало Перез де Варгас кој истакна дека е изненаден од тоа што Македонија на овој мундијал настапува без долгогодишниот член и искусен голман, Борко Ристовски.

– Македонија внесе новитет со новиот тренер и од почетокот на првенството па се до сега играат со седум играчи во поле. Против Тунис завршија голема работа, но против Словенија се соочија со проблеми по повредата на Миркуловски, – истакна Гонзало кој на новинарското прашање за Борко Ристовски го посочи следното.

– Да, изненаден сум што Македонија не игра со својот клучен играч. На првите два натпрвари македонските голмани беа доста добри, но според мене Борко е клучен играч за Македонија и тој може да направи разлика во секој момент на еден натпревар. Останува да видиме како ќе одговорат нивните голмани против нас, – додава шпанскиот чувар на мрежата кој инаку е и соиграч на Ристовски во Барселона.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e