Нов пораз во ЛШ: Металург немаше решение за моќниот Гребиј

Металург влезе со биланс од две победи и три порази на вечерашниот натпревар со Монпелје во Лигата на шампионите, а дека тимот на Лино Червар се уште не е дораснат да се носи со навистина силен состав со каков располага францускиот тим можевме да се увериме и оваа вечер во „Борис Трајковски“.

Слично како и на првиот натпревар во Франција, младата чета на хрватскиот стручњак можеше да се носи со фаворизираниот противник само во одредени моменти од мечот, а најблиску секако беа на пет минути од првиот дел кога имаше егал ситуација од 10:10.

Сепак, неискуството повторно го видовме на дело, па така минутите без постигнат гол знаеја како да ги искористат Французите кои заминаа со солидна предност од 10:14 на паузата.
На стартот на вториот дел, Металург одново минимално се закани со почетната серија од 2:0, но потоа следеше серија на гостите кои во 40-та минута стигнаа до максимални плус седум, предност која едноставно не можеше да ја анулира нашиот тим. Мора да се напомене дека македонскиот тим покажа упорност и во неколку наврати дојде на минус два, но сепак на крајот конечниот резултат од 24:30 покажува дека има навистина солидна разлика во квалитет во овој момент.

Немања Обрадовиќ имаше фантастична вечер и со 10 погодоци беше најефикасен во нашиот табор, во кој уште се истакна Илиќ со четири, односно Кузмановски и Пешевски со по три гола. Кај Монпелје убедливо најдобар и несопирлив за одбраната на Металург беше Матиј Гребиј кој постигна исто така 10 гола како и Обрадовиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e