Македонија заврши на 15. место на СП во Франција. Еве како се одреди позицијата

Уште едно светско првенство во ракомет за Македонија заврши во осминафиналето. За пласман на позициите од 9. до 16. место не се играат директни натпревари туку постојат прецизни критериуми во правилникот на Меѓународната ракометна федерација. Според нив, Македонија го освои 15. место.

Според пропозициите, прв критериум за одредување на пласманот од 9-тото до 16-тото место се бодовите освоени во групната фаза, меѓутоа само против екипите кои се пласирале во осминафиналето, односно на позициите од еден до четири.

Тоа значи дека во оваа калкулација на Македонија и се бришат победите над Тунис и над Ангола и ѝ се смета само бодот против Исланд. Оттука, ако се мериме со сите трето и четвртопласирани репрезентации од групната фаза, пред нас се сите кои остварија барем една победа во натпреварите кои се бројат, а такви се Русија, Белорусија и Египет.

По нив се Македонија и Исланд со по еден освоен бод и затоа мора да се активира вториот критериум – гол-разликата во натпреварите со екипите кои избориле осминафинале. Македонија загуби седум разлика од Словенија и четири од Шпанија за тотал од минус 11, додека Исланд има вкупен минус од седум гола и затоа тој е пред нас во пласманот.

Според овие критериуми, ниту еден бод немаат Унгарија, Катар и Бразил и тие требаше да бидат 14-ти, 15-ти и 16-ти, арно ама Унгарците и Катарците направија сензација елиминирајќи ги Данска, односно Германија. Затоа сега тие одат во четвртфиналето, Германците ќе бидат деветти, Данците десетти, а Македонија ќе заврши 15-та.

Македонија заврши 14-та и во Шпанија пред четири години, во Катар во 2015-та бевме деветти, а во Хрватска во 2009-та единаесетти.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e