Македонија ја победи Црна Гора, во среда со Германија за прво место во групата

Репрезентацијата на Македонија ја запиша втората победа на ракометното Европско првенство во Хрватска и си обезбеди пласман во втората фаза. Вечерва во Загреб, македонските ракометари беа подобри од Црна Гора со 29:28 за максимални четири бода и прво место на табелата во Ц-групата по две одиграни рунди.

Избраниците на селекторот Раул Гонзалес покрај тоа што си го обезбедија учеството во следниот круг, таму ќе пренесат најмалку два бода што е предуслов плус за висок пласман, па дури и атак на полуфиналето доколку в среда против Германија се одигра барем нерешено.

„Црвено-жолтите“ бодрени од преку три илјади македонски навивачи присутни во „Арена Загреб“ покажаа дека саботниот триумф над Словенија не бил случаен. Црногорците немаа доволно сили да им се спротивстават на Кирил Лазаров и неговите соиграчи кои го добро го отворија натпреварот со водство од 2:0 и 4:2. Следуваше серија на противникот од 4:0 за резултатски пресврт. По највисоките три гола плус за Црна Гора, македонските ракометари заиграа поцврсто во одбраната и успеаја да изедначат во 20.минута на 10:10. Сепак, со предност од еден гол (16:15) за Црна Гора се отиде на пауза.

Со одбрана и напад постепено до 40.минута 19:19. По три минути Македонија се врати во водство преку Дејан Манасков, а во следниот напад Филип Кузмановски зголеми на 21:19. Нашата репрезентација стигна и до плус четири, но дозволи да се влезе во драматичен финиш во кој беше поуспешна.

Најефикасни во победничкиот тим беа Филип Кузмановски со пет, Кирил Лазаров и Дејан Манасков со по четири погодоци.
Претходно, во првиот дуел од оваа група, Германија и Словенија одиграа нерешено 25:25.

Табела Ц-Група: Македонија 4 бода, Германија 3, Словенија 1, Црна Гора 0.

Македонија во третото коло в среда од 18:15 часот игра со Германија во дуел за првото место.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e