Лазаров: Подготвени сме како никогаш, во Франција одиме со јасна желба!

Македонската ракометна репрезентација со три победи во контролните средби со Босна и Херцеговина ќе отпатува на светското првенство во Франција, но ако нешто е јасно во мислите на сите наши ракометари, тоа е дека нема да отидат со бело знаме на ракометниот мундијал кој стартува за два дена.

Ова кристално јасно го потенцираше капитенот Кире Лазаров на денешната официјална прес-конференција, на која исто така посочи дека подготовките кои нашата репрезентација ги одработи во Маврово и Скопје се добра препорака за она што ќе следува на големото натпреварување.

-Подолго време се подготвувавме, имавме навистина квалитетни подготовки во Маврово и Скопје и мислам дека извадивме максимум од нив. Најважно од се е што сите сме здрави, физички, психолошки и тактички подготвени, а натпреварите ќе покажат дали тоа е доволно за да обезбедиме и добар резултат. Поаѓаме на пат со голем ентузијазам и желба за надигрување. Ќе се прилагодуваме за секој натпревар, му веруваме на селекторот. Во оваа репрезентација има дебитанти, но имаме и искусни играчи кои знаат да понесат товар, – порача капитенот кој се осврна и на последните неуспеси на големите турнири.

– Се чувствуваше заситеност од нашата игра, противниците добро не познаваа, одржавме континуитет, не паднавме сосема, но се чувствуваше потреба за освежување. Одиме со нови сили и желба да изненадиме. Мора да бидеме претпазливи со изјавите, кога бев на таа возраст 19 до 21 знам како беше. Мојата лична амбиција е голема, мислам дека можеме и повеќе од тоа да се носиме со големите противници, но одиме скромно. Подготвени сме како никогаш до сега, нема предавање, на секој натпревар одиме на победа. Чекор по чекор и без калкулации, – заклучи Лазаров.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e