Душебаев за Дерби: Раул може да ја однесе Македонија до медал!

Алекс Душебаев ја игра последната сезона за Вардар, но се надева дека ќе замине од Скопје со неколку освоени титули, при што признава дека сонува и за освојување на Лигата на шампионите.

Шпанскиот ракометар даде заедничко мега интервју за порталите „Дерби“ и „Точка“, во кое се осврна и за отвореното прашање околу нов селектор за македонската репрезентација, бидејќи тренерот на Вардар, Раул Гонзалес, е меѓу кандидатите за „жешкото столче“.

ДЕРБИ: Прво ќе се игра завршницата од СЕХА лигата, какви се твоите очекувања за Вардар?

– Како и секогаш, мораме да играме за победа, за да ја добиеме СЕХА лигата. Но сигурно ќе биде многу тешко. Првиот противник ќе биде Загреб, со нив секој натпревар кој го изигравме во оваа сезона сме на половина, тие победија таму, ние победивме во Скопје. Секогаш ни е тешко со нив, мислам дека предобро играат во одбрана. Имаат добри голмани исто така и играчи кои многу трчаат во контра напад. Инаку, мислам дека мораме да ги искористиме шансите кои ги имаме за да дадеме гол, зашто ако промашиме, ќе имаме многу проблеми со својот контранапад.

ДЕРБИ: Потоа веднаш доаѓа и четвртфиналето на Лига на шампиони,веројатно со Флензбург?

– Флензбург ќе игра со Брест, потоа ние најверојатно со Флензбург, но ќе видиме. Мислам дека Брест исто многу добро игра оваа сезона, можеби нема такво име како Флензбург, како екипите од Германија или Франција, но мислам дека и тој е тешка екипа. Мораме да бидеме сконцентрирани, зашто мислам дека во последно време кога Врањеш беше тренер тие многу се подобрија и тие сигурно сакаат да завршат убаво со овој тренер и мораме да бидеме подготвени. Ако се прваци во германска лига, значи дека нема да биде лесно.

ДЕРБИ: Кој е главниот адут на Вардар за да може да го победи Флензбург?

– Тоа е нашата мотивација и нашата желба, гледано дека последните три години одигравме добро. Мислам дека имавме шанси да бидеме на „Фајнал 4“, но не бевме. Оваа година целата екипа е попаметна и поподготвена. Оваа сезона сите мораме да бидеме таму, зашто нашата сила како екипа е сконцентрирана на тоа, сакаме да бидеме таму. Знаеме што згрешивме лани, значи оваа сезона сакаме да го искористиме тоа. Знаеме дека првиот натпревар ќе биде во гости, знаеме дека мораме да изиграме добро, да имаме шанса потоа да ја искористиме шансата дома за да одиме на „Фајнал 4“. Ако имаме добар резултат во Германија или Белорусија, каде и да биде, имаме поголема шанса да го искористиме тоа во Скопје и да завршиме со тоа.

ДЕРБИ: А на неутрален терен, во Келн? Која е шансата да се стигне до титулата?

– Мислам дека оваа година имаме шанса. Ако влеземе во Келн, сите имаме иста шанса, без оглед кој ќе биде таму, од овие четири екипи секоја има 25% шанси. Таму нема фаворити, зашто тоа трае 48 часа за да се изиграат два натпревари, кој ќе биде подобар на тие два дена, во тие 48 часа, тој ќе победи. Овие 5-6 години се игра во Келн , но секоја година тие кои беа фаворити, кои луѓето велеа дека имаат најголема шанса никогаш не беа прваци. Секогаш добиваа екипи како минатата сезона Кјелце, како пред две години, кога Флензбург дојде во Фајнал Фор. Некогаш не знаеш кој ќе биде најдобар во тој момент. Ако бидеме таму, но прво мораме да влеземе, мислам дека сите имаме исти шанси.

aleks-dushebaev-08

ДЕРБИ: За догодина, мислам дека ти веќе потпиша со Кјелце? Ако станете шампиони со Вардар, ќе ти биде жал?

– Никако, јас ќе бидам среќен ако тоа се случи. Јас овие четири години многу уживав, ми беше многу убаво во Скопје, во Македонија, во Вардар. Овие четири години ми беше супер и сакам да завршат најубаво што може. Значи, прво да се пласираме на „Фајнал 4“, таму одевме да се бориме во последниве четири години, и сакам конечно оваа сезона да ја постигнеме таа цел. И потоа ако можеме најубаво да завршиме и да победиме во Келн, тоа би било супер.

ДЕРБИ: Да преговараше после „Фајнал 4“ како шампион, дали пак ќе се одлучеше за Кјелце или ќе решеше да останеш во Вардар?

– Не, не, јас сум го решил тоа пред една година. Тоа беше моја цел во тој момент и тоа што го сакав. Знам дека оваа сезона ќе си одам во Кјелце, а потоа ќе видиме, никогаш не се знае.

ДЕРБИ: Во последно време се зборува дека Раул би можел да биде во македонската репрезентација. Каков е твојот однос со Раул бидејќи тој уште на времето беше помошник на Талант, ти дојде во Вардар во негово време, се изгради како играч. Каков е твојот однос, како ти го гледаш Раул како тренер?

– За мене е супер. За мене тој е еден од најдобрите тренери моментално во Европа и мислам дека тој е многу добар тренер кој ќе ти помогне со тактиката, ќе ти помогне да ја развиеш играта, што мораш да го правиш секогаш како играч. Мислам дека во оваа последна сезона, не само јас туку и помладите и постарите играчи, секој ден сме малку подобри. Раул ќе треба да ни помогне во тоа, да ги искористиме нашите шанси, да знаеме што правиме подобро и уште повеќе да се подобруваме. За мене тој е моментално еден од најдобрите тренери кој што сум го имал и многу сум среќен што го имам. Мислам дека за Македонија би било добро, зашто има многу млади играчи сега, нова генерација, има многу талентирани млади играчи, значи мораат да тренираат, а Раул мора да го искористиме да им помогне на младите играчи за неколку години да бидат подобри и да имаат шанса за неколку години со Македонија да освојат некој медал или титула.

ДЕРБИ: Дали сонуваш за некој тим, да речеме Барселона или нешто слично?

– Не, баш како тим немам, секогаш сакам да бидам во најдобрите, најквалитенти екипи. Бев и сега сум во една од најдобрите, во Вардар, ќе си одам во Кјелце која е друга од најдобрите. Мене секогаш ми е целта да бидам во најдобрите екипи, како што е Барселона, ПСЖ, Кил, како Веспрем, а ова ми е најубаво, но најважно е да знам дека во таа екипа ќе ми биде добро и ќе имам шанса да ја освојам оваа титула која сакам да ја добијам.

ДЕРБИ: Беше интересно дека Македонец, Кире Лазаров, игра десен бек во Барселона, а Шпанецот Алекс Душебаев игра десен бек во Вардар?

– Да, тоа е интересно. Мислам дека Кире за мене е еден од најдобрите бекови кои постојат во светот, играч кој има страшен шут, кој е многу квалитетен. Може да решава за нападот, тој е еден од најбитните играчи во Барселона, тоа многу значи. И јас секогаш кога бев тука исто така сакав да и помогнам колку што можам на екипата. Секогаш е убаво кога можеш да помогнеш некогаш.

ДЕРБИ: А за што сонуваше кога беше мал? Некои деца сакаат да бидат пожарникари, други полицајци, Џемс Бонд…

– Не, не, јас мислам дека можеби тоа е затоа што и татко ми беше ракометар, но секогаш сум сакал токму тоа, да играм со репрезентација, да освојам златен медал на Олимпијада, или светско првенство, а со екипата да ја освоиш Лига на шампиони. Тоа за мене како играч е највисокото нешто што може да се освои.

ДЕРБИ: Значи, од малечок сонуваше за спортски успеси?

– Да, да, или фудбалер. И тоа исто многу го сакав кога бев млад, или кошаркар, секогаш сум бил поврзан со спортот.

ДЕРБИ: Кој ти е најтежок збор во македонскиот јазик, имаш ли некој интересен?

– Многу ми е интересно кога зборуваат Македонците меѓу себе, зашто може да се каже дека еве, ние, лошо го зборуваме. Но многу ми е интересно кога гледам како зборуваат некои чисти Македонци меѓу себе, многу ми е интересно, зашто користат различни зборови. Не како жаргон, туку поради потеклото, на пример Диви (Петре Ангелов) е од Кавадарци, понекогаш ништо не го разбирам! Потоа Владо Недановски, тој е од друг град (Ресен) и тој кажува понекогаш некој збор што не го сфаќам. Не знам дали мене ме зафркаваат или не. Тоа ми е многу смешно. Исто е така во Шпанија, не зборува исто тој што е од Мадрид и тој што е од Барселона. Секој зборува по свое и има причини заради кои не се разбираат толку.

ДЕРБИ: Каков ти е односот со навивачите, со публиката, со комитите? Утре ќе дојдеш пак во Скопје, можеби во друга екипа, па пак ќе треба да се видите. Како мислиш дека навивачите ќе го поднесат твоето заминување?

– Никогаш не се знае, но јас цело време, откако дојдов, од првиот ден, навивачите многу ми помогнаа и ме поддржуваа. Најинтересно е тоа што кога дојдов на првиот натпревар во СЕХА лигата, изигравме против Металург, јас не знаев што ќе ме чека. Сум видел снимки, но не знаев што значи тоа дерби. Кога ги видов „Комити“, ама не само „Комити“, туку сите навивачи од Скопје. Мислам дека првиот ден ми остави најголем впечаток. Во Шпанија може да се навива, но не се навива толку, можеби на фудбал понекогаш, но во ракомет не се навива толку живо. Многу ми беше убаво кога го видов тоа првпат. Сите мои гости што дошле од Шпанија тука го кажуваат истото, импресионирани се од атмосферата и од навивачите.

Извор: Дерби

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e