Червар: Да го победиме Тунис со срце и со глава

Македонија ги финишира подготовките пред првиот натпревар на Светското ракометно првенство во Франција, а прв противник на избраниците на селекторот Лино Червар ќе биде незгодната селекција на Тунис.

Червар ги кажа очекувањата за премиерата на ракометниот мундијал.

– Мора да кажам дека многу ги анализиравме, гледавме нивни натпревари, исто како што веројатно и тие правеле. Ракометарите се потсетуваат на последниот натпревар кога загубивме, фактички ни го уништија сонот и не оставија без пласман во Рио. Им порачав дека не смееме да размислуваме за освета, обичниот таквиот пристап завршува неславно. Знаеме дека тие се една репрезентација која е многу воиграна, знаеме дека нивната игра се врти околу трите бека и Теж на пивот, имаат изразито брзи крила и можеби се најопасни во таа транзиција, а брзите крила добро соработуваат и со вториот бран играчи кои им се приклучуваат, меѓу кои и Жалуз.

– Сигурно дека ќе биде тежок натпревар, расположени сме да го прифатиме предизвикот и мотивирани сме да го постигнеме посакуваното. Играат агресивна одбрана, но ние ќе се обидеме да им возвратиме, па ќе видиме на крајот што ќе одлучи за победникот. Нам приоритет не ни е да размислуваме за резултатот, туку за играта, бидејќи добра игра носи и добар резултат. Ни треба срце, но и глава за овој натпревар, наместо еуфорија, ни треба емоција која е концентрација и мудрост – вели Червар.

Македонија и Тунис денеска го играат својот натпревар во Мец од 17:45 часот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e