Ана Стојановска од ППК „Крива Паланка“ најдобра во пионерска конкуренција на Државното првенство

На 25-то Државно првенство за пионери и пионерки чиј домаќин беше ППК „Куманово“ од Куманово, тринаесетгодишната талентирана пингпонгарка Ана Стојановска, од клубот „Крива Паланка“, го освои првото место во пионерска конкуренција, поединечно и во двојки.

– Ана е неприкосновена во својата конкуренција, таа е и репрезентативка на Македонија, а е член и на сениорскиот состав на нашиот клуб кој се натпреварува во државната пинг-понг лига. Денес го потврди својот квалитет со триумфот во конкуренција на пионерки до целата држава, а беше прва и во парови, каде победата ја донесоа заедно со Бојана Михајловска од Скопје, информира Виорел Уце, тренер од пингпонгарски клуб „Крива Паланка“.

Првото место во машка пионерска конкуренција го освои Леонид Гошев од ППК „Винспин“, Виница, кој е прв и во двојки, со Даниел Атанасов.

– На ова државно првенство имаше рекорден број учесници, 30 девојки и 55 момчиња од десетина клубови од државата. Нашиот клуб забележа одлични резултати денес, во парови покрај прво освоивме и трето место, нашата Деспина Ристовска заврши трета со Сара Стојановска од ППК „Нец“, Скопје, додаде Уце.

25-то државно пинг-понг првенство за пионери е во организација на Пингопонгарска федерација на Македонија, а учествувале екипи од Битола, Скопје, Прилеп, Кавадарци, Струмица, Штип, Свети Николе, Крива Паланка, Виница и домаќинот, Куманово.

Од ППК „Крива Паланка“ најавија учество на јуниорското државно првенство кое ќе се одржи следната недела во Прилеп, топ 8 турнирот за кадетки и кадети, топ 8 државен турнир за јуниори и сениорско државно првенство во мај годинава.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e