За Скопје Џез фестивал нема друга сала освен “Златниот Театар” МНТ

Скопскиот џез фестивал се огласи со Фејсбук статус по најразличните негативни реакциите на социјалните мрежи дека фестивалот годинава ќе се одржува во „златниот театар“, како што јавноста го нарекува МНТ.

Џез фестивалот почнува на 13 октомври со концертите на пијанистот Бојан Зулфиќарпашиќ од Франција и американското Џулијан Лаж трио во МНТ, аќе трае до 16 октомври.

„Оваа локација не е наш избор, односно таа беше единствената опција, не сметајќи на можноста фестивалот комплетно да го откажеме. Имено, Универзалната сала веќе подолго време е ставена под клуч, во Македонската опера и балет се реновира гледалиштето, а Домот на АРМ не поседува елементарни услови за прифаќање на џез музичари со високо реноме. Од повеќе причини сметаме дека Македонскиот народен театар не е податлив за одржување на концерти на уметници од рангот на оние што настапуваат на Скопскиот џез фестивал“, вели Фестивалот.

Претходно имаше реакции и зошто концертот на британската пејачка ѕвезда Џос Стоун ќе се одржи во Дансинг салата на МКЦ, а Фестивалот вели:

„Неповолната ситуација со концертните простори во главниот град (не спортски сали, туку концертни простори и од отворен и затворен тип) што денес добива драматични размери, е тема сама за себе. Но, во однос на реакциите кои деновиве пристигнуваат на нашата адреса и ги преплавуваат социјалните мрежи, а се однесуваат на избраната локација – МНТ (вклучувајќи ја и локацијата за Џос Стоун), ве упатуваме одговорите на прашањата зошто Универзалната сала не се оспособи за работа пред (некогаш) да се гради нова и зошто толку доцни баналното менување на седиштата во Македонската опера и балет (нам, за жал многу добро познати), да ги побарате на вистинското место – Министерството за култура на Република Македонија, во чија надлежност се сите инвестиции и реализации на споменатите објекти. Нашето го сторивме, а тоа беше и годинава да обезбедиме извонредна програма на џез фестивалот“, вели Скопје џез фестивал.

За поврзани вести продолжете надолу

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e