(ВИДЕО) Оркестарот на Џамбо Агушев му ја свиреше „Деспасито“ на Луис Фонси

Џамбо Агушев со својот оркестар беше гостин на големата прослава на Нова година што ја организира полската телевизија ТВП 2. Манифестацијата се одржа во зимскиот туристички центар Закопане пред илјадници посетители, а ја следеа седум милиони телевизиски гледачи во Полска.

Џамбо е презадоволен од настапот, за кој вели дека е еден од најуспешните досега.

Оркестарот ги придружувал најголемата полска ѕвезда во моментот, пејачката Мерила Родович, и популарниот полски бенд „Терно“.

На истата сцена малку подоцна настапиле и бразилскиот пејач Мишел Тело со хитот „Nosa, nosa“ и мегапопуларниот Луис Фонси, кој, покрај неколку други песни, ја испеал и најслушаната песна за 2017 година, „Despacito“,пренесува Нова Македонија.

– Како едни од најголемите ѕвезди на концертот настапивме во 23.30 часот, заедно со Мерила Радович, а кога се склопија стрелките, одекнаа звуците на „Nosa, nosa“ и на „Despacito“. Бевме пресреќни што ја делиме сцената со сите овие мегаѕвезди. Кога заврши настапот, зад сцената на Луис Фонси му ја отсвиревме нашата верзија на неговиот мегахит и тој рече дека иако му звучи малку необично, многу му се допаѓа. Го побара и бројот на нашиот менаџер и верувам дека може да се случи во иднина да оствариме и некоја заедничка соработка, вели неуморниот Џамбо Агушев, кој со својот оркестар веќе почна да го обиколува светот.

По учеството на „Вевчанскиот карневал“, Џамбо и членовите на неговиот оркестар ги чека посета на Австралија во февруари, а во март ќе патуваат за САД, каде што ќе одржат концерти на Флорида и во Калифорнија.

Извор: Курир

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e