Полско цвеќе“ на Тоше Проевски доби нова верзија

„Инструментал бенд“ со видеозапис и преработка на големиот хит „Полско цвеќе“ ја одбележува 10-годишнината од трагичната сообраќајна несреќа во која животот го изгуби нашата музичка легенда Тоше Проески, а целиот регион беше обвиен во црно.

– Со проектот „Полско цвеќе“ сакаме да ја одбележиме 10-годишнината од немилион настан што го обви целиот регион во црно, но и да ги потсетиме сите дека Тоше сè уште живее во нашите срца. Изразуваме огромна почит и благодарност кон сè што направи. Неговите дела ќе живеат вечно – велат од бендот.

Преработката на песната е во продукција на Михајло Манојловски, а видеозаписот е снимен во режија на „Куба видео“ на неколку локации во Крушево, на брегот на Преспанското Езеро и во Националниот парк „Пелистер“. На видеозаписот се појавува уметникот Александар Поповски сликајќи го портретот на Тоше, но и кавалџијата Алекс Петковски.

Бендот изразува огромна благодарност до сите што несебично се вклучија во овој проект и ја поддржаа неговата реализација. Меѓу нив се: Спомен-куќата „Тодор Проески“ и директорката Елена Мирчевска, Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ – Битола и Александар Жежовски, „Конект бич“ – Сливница, Националниот парк „Пелистер“, Агим Џело (асистент на камера), Благоја (Масак) Кечулкоски и Тони (Леко) Карапанчевски.

Извор: Точка

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e