Завршна работилница на проект на ФАО

Денеска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржа завршна работилница на проектот за „Техничка помош за користење на дрвната енергија за подобрување на одржливиот економски рурален развој и исполнување на целите за обновливи извори на енергија на Западен Балкан до 2020“, кој е поддржан од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Овој проект е во согласност со Стратешката Рамка на ФАО, која придонесува кон тоа да се направи земјоделството, шумарството и рибарството да бидат попродуктивни и поодржливи.

Исто така Проектот е во согласност со Милениумските Развојни Цели (МДГ), а влијанијата од проектот се однесуваат на Обезбедување одржливост на животната средина.

Главна цел на овој проект на FAO е да се обезбеди поддршка на Владите на Албанија, Босна и Херцеговина и Македонија да го подобрат капацитетот на вработените во шумарската администрација за прашања од енергијата од дрво, да се надминат постојните проблеми со недостатокот на податоци за потенцијалот на дрвната биомаса, како и да се подобрат податоците за користењето на огревното дрво, со што ќе се помогне во постигнувањето на зададените цели за учество на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка на енергија до 2020 година.

При тоа особено внимание се посвети на:

– Одредување на актуелните потенцијали на дрвна биомаса со помош на верификувани меѓународни методи;

– Одредување на актуелната потрошувачка на огревно дрво за затоплување на домаќинства, јавни установи, индустрија и останати категории на потрошувачи;

– Изработка на нов енергетски биланс за дрво и огревно дрво за да се исполнат задачите до 2020;

– Подобрување на институционалните капацитети на шумарската администрација и статистичките куќи за собирање и обработка на потребни податоци.

Проектот започна на 01.09.2015 година, и завршува на 30.11.2017 година. Од страна на ФАО канцеларијата во Будимпешта, беа ангажирани домашни и меѓународни експерти и институции за различни делови од проектот, како и од МЗШВ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e