Завршена изработката на проектот за изградба на пругата Кр.Паланка – ГП „Д.Баир“

Завршена е изработката на проектот за изградба на пругата од Крива Паланка до границата со Република Бугарија. За реализација на овој проект обезбедивме 60 милиони евра неповратни средства од Европската Унија, а останатите средства ќе ги обезбедиме преку меѓународните финансиски институции, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешното обраќање по повод завршување на Проектот за изградба на пругата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир.

Следува интегрален текст од говорот на министерот Сугарески:

„Железничкото поврзување со Бугарија и Албанија е од клучно значење за развој на севкупниот железнички сектор во Република Македонија. Завршувањето на оската Исток – Запад преку доизградбата на Коридорот 8 треба да овозможи забрзан економски раст на нашата земја и побрза интеграција во регионот.

Од тие причини Владата на Република Македонија е силно посветена на развој на железничката мрежа во земјата преку изградба на нови пруги кон Бугарија, Албанија и Грција.

Доказ за тоа е и денешниот настан со кој одбележуваме завршување на изработката на проектот за изградба на нова пруга од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир.

28276471_2054497751257650_1277160016846596891_n

Проектот предвидува изградба на електрифицирана пруга во должина од 23,4 километри. На пругата предвидено е да има една станица, една постојка, 23 тунели од кои еден пограничен тунел кој половина се наоѓа на територија на Македонија, половина на територијата на Бугарија.

Според нашите проценки, изградбата треба да започне во 2021, а да заврши до 2025 година.

Со оглед на тоа дека станува збор за најкомплексниот дел од пругата, очекуваме вредноста на инвестицијата да достигне преку 350 милиони евра.   Министерството за транспорт и врски веќе обезбеди 60 милиони евра неповратни средства од Европската Унија преку Оперативната програма 2017 – 2020. Што се однесува на останатите средства, во следниот период ќе ги обезбедиме преку меѓународните финансиски институции.

На мојата последна средба со бугарскиот министер за транспорт Московски, се договоривме двете држави заеднички да настапуваме за проектите што се од регионално значење со цел полесно да ги обезбедиме  потребните финансисики средства.

Во меѓувреме, остануваме целосно посветени на реализација на останатиот дел од проектот и тоа:

Изградбата на делницата од Куманово до Бељаковце се очекува да биде завршена до 2019 година.

За делницата од Бељаковце до Крива Паланка оваа година ќе склучиме договор со Изведувач и очекуваме изградбата да започне веднаш после тоа.

Како што спомнав претходно, последната фаза од пругата до граничниот премин Деве Баир планираме да ја завршиме 2025 година, со што комплетна пруга кон Бугарија очекуваме да имаме во 2025 година.

Она што сакам да го потенцирам е дека нашата цел е да создадеме функционален Коридор 8, кој ќе овозможи брз и безбеден превоз на стоки и патници и ќе придонесе за економски раст на земјите од регионот.

Република Македонија како земја аспирант за членство во ЕУ е силно посветена на регионалниот развој. Од тие причини политиките што ги спроведуваме како Влада се насочени токму кон комплетирање на Коридорот 8, кој од една страна ќе овозможи економски развој на регионот, а од друга страна,  ќе ја направи нашата земја клучен транзитен центар на Балканот“ – се обрати министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e