Заев: Поддршката за Темелковски ќе биде уште поголема, за нас тоа е обврска да работиме во интерес на сите граѓани

„Среќен сум за поддршката што граѓаните на Кисела Вода ја дадоа на СДСМ во првиот круг, промените се здрава работа и затоа убеден сум дека таа поддршка ќе биде уште поголема во вториот круг, што ќе претставува уште поголема обврска за Филип Темелковски, советничката листа и централната власт, да работиме посветено во интерес на сите граѓани“, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев по денешната отворена дебата со граѓаните на општина Кисела Вода.

Претседателот Заев посочи дека отворените дебати со граѓаните ќе бидат основата на тоа како во иднина ќе функционираат сите општини, бидејќи само со директна комуникација со граѓаните, општините ќе станат подостапни и поотворени, навремено ќе ги согледуваат потребите на граѓаните и ефикасно ќе ги решaваат проблемите.
Одговарaјќи на новинарски прашања, претседателот Заев меѓу другото посочи дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека дополнително ќе расте.

„Досега немало отворен состанок, дебата или дилеми дали Алијансата на Албанците излегува од Владата или не. Секако, право на Алијанса е како ќе одлучи, но јас очекувам владината коалиција да опстои и да продолжи да зајакнува во периодот што претстои. Во едно сум убеден, парламентарното мнозинство е стабилно и тоа ќе расте“, истакна Заев.

Во поглед на идната соработка во Собранието помеѓу парламентарното мнозинство и опозицијата, претседателот на СДСМ, Зоран Заев истакна дека очекува дека одреден број на пратеници од опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе дадат поддршка на спроведување на реформите.

„Знам дека дел од опозицијата во Парламентот предводена од ВМРО-ДПМНЕ и доста нивни пратеници досега изразиле несогласување на политиките на ВМРО-ДПМНЕ и полека се оградуваат. Јас не претендирам тоа да значи нивно преминување во СДСМ. Не, јас само барам соработка во интерес на граѓаните и државата, која ќе биде утврдена по пат на дебата и верувам дека во иднина ќе имаме добра соработка токму со нив“, рече Заев.

Претседателот Заев во одговор на новинарско прашање истакна дека нелегалното прислушување заврши со формирањето нова Влада и дека правосудството е тоа коешто одлучува за следење на комуникациите.

„Со промена на власта, во Македонија нема веќе незаконско прислушување, посебно не на политички противници. Ако има екстремни структури што се закана за Република Македонија, не зборувам за раководството на ВМРО-ДПМНЕ, верувам дека во тој случај Јавното обвинителство си ја врши работата. Тие ги водат предметите, тие бараат од судовите се што им е потребно. Јас сум надвор и ниту знам, ниту сакам да знам за вакви процеси. Правосудството е надлежно за оваа работа , но знам дека нема никаква политичка заднина, впрочем тие се на заминување и не знам зошто тоа би го правеле“, посочи Заев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e