За ич пари

Прашањето на вреднувањето на уметничкиот труд не е ни ново ниту пак непознато прашање. Дури и кај нас. Светот се обидувал, и се обидува да го разреши најчесто во полза на уметникот. Ние – обратно. Ако можеме, да му ја одереме и кожата и да ја продадеме на пазар. За ич пари! А кожата му е дури и поскапа од делото, зашто делото му го земаат за џабе. Најчесто како подарок. Та нели Валентинчето, па и некои други македонски „уметници“, ни „донираа“ по неколку „споменици“? Онака, од срце, од ќеф, што се вели, и зашто многу не’ сакаат. А богами тоа и не беа баш мали „споемници“. И ако така ги поставите нештата, а не знам како поинаку би можело, тогаш испаѓа дека оние композиции од македонските „композитори“, платени на конурсот на Елизабет и Министерството за (не)култура по околу 2.000 евра, се – изгор скапи! Платени како за најдобрите светски композитори, море безмалу како да се од Бетовен. Зашто, ако можете да добиете цел споменик (од цирка две-тристотини илјади евра, па и повеќе) без пари, тогаш двете илјади евра се претерано многу пари за една композиција. Па нека е и од оној догматикон Стојков, па нека е за Божиќ!

Таа е, имено, логиката, и нема друга, кога државата проценува колку чини едно уметничко дело. Или, ако сакате, кога уметникот – и не само тој туку и сите професии (ин)директно поврзани со уметноста – и’ дозволува на државата да проценува колку чини уметноста. А кога државата е мафијашко здружение како нашево вгнездено во самото срце на системот, тогаш во неа цветаат илјадници „цветови“ наречени големи и мали бизниси кои што се’ претвораат во профитабилни зделки. Според паролата „Дил ориентед“, се разбира!

За да не биде само да се вика по композиторите, ене во „Мала станица“ се изложени (не коментирам како се изложени, зашто од таму сепак добивам плата!) неколку дела добиени преку (претпоставувам) минатогодишниот откуп на ликовни дела. И има неколку пристојни парчиња – од Мартиноски, Гуте, Личеноски, Пандилов – и, ако се’ уште е во сила „проценката“ на Елизабет и нејзините гавази од областа на ликовната уметност (можеби онаа која ја гледаме во сите нејзини комисии, како „стручњак“ за трампа на македонски автори?) дека преку оваа „мерка“ и „акција“ цените се лимитирани на околу 2.000 евра по парче, значи дека и делата на овие основоположници чинат толку! Иако т.н. пазар, па и неговата македонска варијанта, вели нешто сосема друго. Се разбира, не мислам како Елизабет и нејзините подопашници дека сите дела можат, според принципот на урамниловка, да се вреднуваат исто. Дури мислам дека некои дела, па и од Пандилов, или Личеноски, не вредат – како ликовна / естетска вредност, што е сепак различно од нивната историска вредност – ни толку пари.

А на македонскиот пазар дела како откупените односно изложените достигнуват цени повисоки барем за три до четири пати! Ама, државата, преку нејзините партиски „проценители“, вели – не. Или две илјади или носете си го делото дома. Проблемите со македонскиот уметнички пазар се големи, и сложени, и често неразбирливи зашто ги создаваат нестручни и некомпетентни поединци кои уживаат да се нарекуваат себеси галеристи. Тие дури не се ни очешале од некој сериозен галерист, ама им годи така да се гледаат себеси. Како и да е’, тие воопшто и не реагираат на ваквиот државен упад во нивниот бизнис, на ваквото безочно државно подривање на правото на овие препродавачи на уметност да си се бават со нивниот занает. Не реагира ни ДЛУМ, ниту пак некое од стручните асоцијации чија работа е сосема тесно поврзана со уметноста.

Затоа впрочем и Елизабет и нејзините партиски „проценители“ можат да градат и уриваат цени, да им држат лекции дури и на творците за цените на нивните дела без оглед дали станува збор за уметност, музика, сценарио, филм … А тука, понатаму, се кријат и можности за лични и семејни бизниси, за билдање на нечии цени – на пример дело кое не би го земале ни за двесте евра овие го плаќаат две илјади – но и биографии итн. И сето тоа влегува во т.н. културна политика на непрежаленово ни Министерство за (не)култура! И затоа голем дел од нашиве творци се всушност „творци“ мерени само и исклучиво според аршините на мафијашково здружение се’ уште на власт во државава, типични производи на кај нас никогаш целосно напуштената соцреалистичка логика во културата и уметноста.

Златко Теодосиевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e