Во чии приватни архиви има нелегално прислушувани разговори?

Ниту полицијата, ниту СЈО не откриваат детали околу приведувањето на осомничен поврзан со објавувањето на незаконски прислушувани разговори. Системите за прислушување се злоупотребени, па материјали завршиле на многу страни, велат познавачи. Одговорните сега треба да утврдат кој прислушувал.

Приведувањето на осомничен за објавување на незаконските прислушувани разговори на социјалните мрежи, повторно го отвора прашањето за тоа кој се поседува туѓи нелегално прислушувани телефонски разговори во своите архиви.

Од Министерството за внатрешни работи и од Специјалното јавно обвинителство само потврдуваат дека едно лице е задржано во полициска станица и дека станува збор за предистражна постапка. Не откриваат повеќе детали, ниту за предистражната постапка, ниту дали е извршен претрес и дали се пронајдени и други прислушувани разговори, односно што е пронајдено.

Голем дел од медиумите објавија дека станува збор за Љупчо Палески, партиски активист на СДСМ за кој постои сомнение дека под псевдонимот „Никола Тесла“ на Јутјуб минатата година објавил прислушувани разговори за личности од македонската политичка сцена.

Приватните телефонски разговори кои осамнаа од поранешната пратеничка Ермира Мехмети, лидерот на ДУИ Али Ахмети, поранешниот премиер Хари Костов, поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски, бизнисменот Јордан Камчев, уредниците на Сител, Драган Павловиќ Латас и Ивона Талевска, како и новинарите Оливера Трајковска и Бранко Героски сè уште може да се најдат на активниот јутјуб канал „Никола Тесла“.

Поранешниот министер за внатрешни работи и претседател на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, вели дека злоупотребата на системите за прислушување започнува од врвот на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ и припадниците на Петтата управа во Управата за безбедност и контраразузнавање, по што информации оттаму се движеле на повеќе страни и веројатно завршиле во многу приватни архиви.

„Сите информации ги имаше тогашната власт од претседател на Владата до директорот на УБК. Имаме информации дека тука имало и други злоупотреби, не само од тие што стигнувале по налог на директорот на УБК, но и внатре некои вработени, шефови на кабинети и слично, дури и за приватни работи прислушувале и си внесувале броеви во системите. Некој си ја прислушувал швалерката и такви работи. Тие информации не се задржани таму. Дел од информациите се отидени во опозицијата, која подоцна го предаде на СЈО. Одговорноста за прислушување треба да се бара во претходната власт,“ вели Трајанов.

Тој смета дека одговорноста за повременото протекување на незаконски снимените разговори не треба да се бара само кај тие што ги поседуваат и објавуваат, туку и кај тие што ги создале снимки во УБК. Трајанов вели дека заштита од оваа појава лежи во Министертвото за внатрешни работи и СЈО односно во квалитетна и темелна истрага за тоа кој се имал пристап до системите за прислушување и можност за злоупотреба. Во медиумите се шпекулираше дека дел од незаконски прислушуваните разговори може да се пронајдат на „црниот пазар“ во земјава, но и надвор од нејзините граници, односно дека станале сопственост на голем број разузнавачки служби и дека дел од нив паднале во раце и на криминалното подземје во регионот.

„Претпоставувам дека тој што имал монопол на тие информации, а рековме дека тоа е МВР во тоа време, сигурно дека дислоцирале информации до повеќе луѓе што може да ги злоупотребат за разни политички, бизнис или други лукративни интереси. Така да одговорноста треба да се лоцира кај тие што го злоупотребија тој систем за прислушување, а потоа да одговараат и ваквите поединечни случаи кои објавиле разговори“, вели Трајанов.

Но, ова не е единствен случај на објавување на вакви разговори по предавањето на СДСМ на архивата од над половина милион разговори на СЈО.

Пред речиси една година во предизборниот кампања на фејсбук страница именувана како пронто.мк, беа објавувани разговори меѓу албанските политичари во Македонија. Во тој период прстот за протекувањето на такви разговори беше вперен кон СДСМ. Но ниту Јавното обвинителство, ниту СЈО до сега не излегле со информација дали за ова е покрената некаква постапка и до каде е.

Во мај минатата година беше осуден и Захир Беќири Чауш на две ипол години затвор, како дел од таканаречената „фабрика за афери“ каде што обвинителството на прес-конференција тврдеше дека при претрес биле пронајдени над 70 илјади телефонски разговори, кои, според нив, требало да бидат употребени за уценување на бизнис секторот и политичката елита во земјава.

Но, во текот на судскиот процес таквото тврдење на Обвинителство не излезе на виделина, а не беа ниту презентирани како докази разговорите за кои се тврдеше дека биле пронајдени при претресот.

Во текот на судскиот процес обвинетите се бранеа со тврдењето дека се наместени од министерот за внатрешни работи Митко Чавков и дека доказите, односно запленетите компјутери и надворешна компјутерска меморија во кои имало електронски обрасци за изработка на лични карти ги подметнала полицијата.

„Ми велеа да признаам дека УСБ-то ми го дале Заев и Верушевски, инаку ќе ми ја затворат целата фамилија, што и навистина се случи. Ми рекоа Господ нека ти е на помош“, рече Чауш во Судот.

Обвинителството во писмено соопштение ги демантираше таквите наводи.

Случајот, познат во јавноста како Фабрика за афери, стана актуелен во период кога започна со работа анкетната комисија за прислушување и на неполн месец пред најавената оставка на Никола Груевски од премиерската функција. Во јавноста позната како контра-анкетна комисија која требаше да се занимава со овој скандал не заживеа, беше формирана без опозицијата.

Според истрагата на Специјалното јавно обвинителство „Таргет“незаконското прислушување започнало во 2008-мата година, но не прекинало со објавувањето на таканаречените бомби на тогашниот опозицискиот СДСМ во 2015 година.

Според истрагата по претсот на обвинителите на СЈО во УБК утврдиле дека незаконското прислушување продолжило и во 2016 година, и покрај уништувањето на дел од опремата со која е вршено прислушувањето.

За тоа се обвинети десетмина, дел поранешни, дел сѐ уште вработени лица во Управата за безбедност и контраразузнавање, кои ги злоупотребувале тамошните системите за следење на комуникациите.

Според прибраните докази во СЈО, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени најмалку 4.286 телефонски броеви. За нив, воопшто и не била издадена судска наредба за следење. Дополнително се прислушувале уште најмалку 1.541 број за кој постоела наредба, но биле следени и во периодите пред и по истекот на траењето на наредба. Оваа бројка, неодамна рекоа од СЈО, дека не е конечна бидејќи сѐ уште не се прибавени материјали од еден од телефонските оператори во земјава.

Радио Слободна Европа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e