(ВИДЕО) Сорос: Извонредно што се е остварено за 1година, од затворено општество до можност за ЕУ интеграција

Александер Сорос, син на милијардерот-филантроп Џорџ Сорос и потпретседател на глобалниот борд на Фондацијата Отворено Општество во прво интервју за медиум од Македонија, зборува за периодот кога Фондацијата беше под жесток напад на поранешната владејачка партија во земјава, за критиките дека организацијата сега не е толку активна како за време на претходната влада, како и за нападите на кои е изложена во Србија и Унгарија.

Г-дине Сорос, ви благодарам за ова интервју. Која е целта на вашата посета на Македонија?

Беше планирано патувањето на нашиот нов претседател на Фондацијата, негово прво искуство со нашата работа со Ромите и затоа им се придружив на нивната посета на Скопје. Тоа, исто така, беше можност да се оствари поканата на премиерот Заев да ја посетам Македонија, првпат сум тука и имајќи предвид што се се случуваше минатата година, сега ова што го гледаме е извонредна можност и надежи за иднината и затоа не можев да кажам „не“ на поканата да дојдам.

Со кого друг се сретнавте?

Се сретнав со градоначалникот и претседавачот на Советот на најголемата ромска општина во Европа, која локално е позната како Шутка. Се видов и со персоналот и бордот на овдешната Фондација Отворено општество, се сретнав и со премиерот и со други членови на неговиот кабинет, со некои од нашите грантисти и со претставници на граѓанскиот сектор.

Вие сте дел од Фондацијата Отворено општество, која беше посочувана од претходната власт и од други општествени структури како соучесник во сценарио за менување на владата на ВМРО-ДПМНЕ. Од денешна дистанца, како би ги коментирале тие настани?

Кога размислувам за минатата година, свесен сум за овдешните напади и зачудувачки е колку работите може да се променат за една година. Не мислам само за овдешната Фондација туку и за земјата во целост, која од она што нарекуваме затворено општество дојде до можност за остварување отворено општество, со интеграција во ЕУ и, навистина, е извонредно што се е остварено за една година.

Откако избра нов лидер, ВМРО-ДПМНЕ престана со обвинувањата кон Фондацијата Отворено општество и со етикетирањата на нејзините членови и грантисти како т.н. „соросоиди“. Дали сте имале можност да се сретнете со некој од новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ?

Отворен сум да се сретнам со новиот лидер доколку состанокот би бил конструктивен, за начинот за напредок и доколку би можеле да ги оставиме на страна нападите и кампањата против мојот татко и Фондацијата. Откако сум во Скопје, таква прилика не се пружи, но ја оставам вратата отворена за соработка ако тие го променат начинот на делување.

Од некои кругови се слушаат коментари дека граѓанските организации, меѓу кои и Фондацијата Отворено општество, кои беа многу критични кон политиките на претходната влада, сега кога има нова влада, не ја играат улогата на „воч дог“. Дали вие го имате тоа чувство?

Не, го немам тоа чувство. Од средбите што ги имам јасно беше дека, барем Фондацијата Отворено општество, знае дека треба да бара отчетност од владата за дадените ветувања и за работите за кои зборуваше. Граѓанскиот сектор не е само „воч дог“ и луѓето што критикуваат доаѓаат од сите делови на општеството и ако граѓанскиот сектор го ограничиме само како „воч дог“, само како критичар, тогаш само ги допираме повалканите проблеми што постојат во кои секогаш треба да се биде во антагонизам со владата. Ако администрацијата ја врши работата и промовира отворено општество, тогаш не може само да бараме работи за да критикуваме, ако нема многу за што да се критикува. Истовремено, ако Фондацијата и партијата имале слични интереси и трпеле слични напади, не значи дека ќе се согласуваат. Тие се две одвоени институции, ние сме непартиска организација.

 

Ја споменавте ЕУ-интеграцијата. Имате ли став за главното прашање што го блокира зачленувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ – спорот за името со Грција?

Сметам дека сегашната влада покажа огромен степен на добра волја и подготвеност да ги преземе неопходните жртвувања за да има решение и останувам со надеж дека двете страни ќе постигнат договор зашто тоа е во најдобар интерес на сите инволвирани.

Неодамна бевте во Косово, а не толку одамна се сретнавте и со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој често го става Сорос во негативни контексти. Во една прилика ја обвини директорката на Фондацијата во Србија за ставови спротивни на интересите на Србија. Каков е вашиот став за Србија, како голема земја во Западен Балкан, под власта на Александар Вучиќ?

Претседателот Вучиќ, со кого се сретнав, го промени својот однос кон нас и кон другите за кои немаше симпатии. Тој за тоа беше доста отворен. Ситуацијата во Србија и особено на Косово е многу тешка и комплицирана. Моите импресии од претседателот Вучиќ се дека е добар учесник во смисла на регионална соработка, зборувајќи минатата недела за потребата од поголема регионална економска соработка и има цврсто уверување во членство во ЕУ. Тој се наоѓа во многу тешка позиција и мислам дека беше добро она што тој го направи во обидите на приближување на Србија и општеството кон изнаоѓање поголемо помирување со Косово и со другите соседи со кои има крвава историја. Односите што Вучиќ ги воспостави со Еди Рама и со Албанија, исто така, беа многу позитивни чекори.

Зборувајќи за регионот, Сорос е непријател број еден и за унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тој најавува нов пакет-закони наречен „Стоп Сорос“, со кој ќе се заостри регулативата за невладините што се занимаваат со теми поврзани со мигрантите.

Имајќи предвид дека немаше многу мигранти во Унгарија и дека повеќе Унгарци ја напуштија земјата во времето на вториот мандат на премиерот Орбан отколку по Унгарската револуција, мислам дека унгарската влада треба да биде позагрижена за бројот на млади луѓе кои си заминуваат, отколку за малиот број бегалци кои бегаат од војна и уништувања во потрага по подобар живот. Во врска со неговите напади и поддршката на активностите против мојот татко, очигледно е дека станува збор за антисемитски чекори кои зборуваат за дел од европската историја за која ЕУ, со која Орбан некогаш се согласи, и Унгарија денес, не се едногласни. Мислам дека тоа е мошне видлива ситуација, јасен е резот, ова е видот на антисемитизам, расизам и барање жртвени јагниња кој не води по страшен пат. Се надевам дека тоа и е јасно на меѓународната заедница, зашто тоа е една од ситуациите во кои сте израснале во едно општество, во кое има црвени линии и столбови на демократското општество, кои сега се кршат.

Го споменавте вашиот татко Џорџ Сорос. Дали во вашиот случај важи изреката – каков татко, таков син?

Тешко е да не се биде и горд и обликуван од него. Тој е човек на историјата и јас сум многу почестен и горд што тој ми верува и има верба во мене дека во Фондацијата ќе ја продолжам неговата мисија. Тоа е едно од моите најзадоволувачки чувства и односи, но тоа не значи дека немаме несогласувања… Во однос на моите родители – и двајцата го обликуваа мојот живот и се надевам дека ќе ги направам горди.

360 Степени

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e