(ВИДЕО) Сопственикот на хотел Шагал обвинува: Зам. министерот Делев ми бараше 60 илјади евра за партијата. Делев ги негира обвинувањата

Топла вода во изобилство тече во Брегалница, а базените на спа центарот на Хотел Шагал, близу Виница, зјаат празни.
Сопственикот Петре Ангелов четири години не може да добие дозвола за да го користи ова природно богатство. Тврди дека државата ги игнорира неговите барања, базените да ги наполни со термални води. Кога се обидел лично да интервенира во министерството за економија, му било побарано мито, објави ТВ 24.

„Овој центар не проработе благодарение на владата на Никола Груевски и на неговите министри, поточно на Кристијан Делев. Во разговор со него во четири очи во неговиот кабинет ми побара 60 илјади евра за партијата и нему лично да му ги дадам парите “ – изјави за телевизија 24, Петре Ангелов, сопственикот на Хотел Шагал.

Заменик министерот Делев ги негира овие обвинувања. Вели дека ниту го познава Ангелов, ниту пак се сретнал со него и најави тужба за клевета.

„Ова е апсолутна лага и за истата соодветно ќе одговара. Ќе се консултирам со моите адвокати за овој проблем. Со сопственикот на Хотел Шагал ниту се имам видено, ниту сум се слушнал со него“ – изјави Кристијан Делев, заменик министер за економија

Ангелов имал угостителски бизнис на хрватското приморје, кога пред 27 години се вратил и решил да инвестира во земјава. Пред четири години изградил два базени, сауни, салони за масажа и бањи. Имал намера објектот да прерасне во бањско-рехабилитационен центар. Но, тогаш почнале и неговите проблеми. Вели дека со термалните води се прави огромен криминал. Според Ангелов, концесионерот на водите немал никакви мерни инструменти, па трошел многу поголема количина отколку што плаќал.

Од друга страна, заменик министерот Делев вели дека Ангелов тропал на погрешна врата. Не министерствто, туку концесионерот е оној кој ако сака, може да му отстапи вода на неговиот хотел.

Ангелов вели дека постојано бил изложен на притисоци од власта, која многупати го казнувала парично, па дури и со затворска казна. Тврди дека неговото име се спомнувало и во бомбите на опозицијата, во разговори меѓу функционери, кои се договарале како да го уништат. Вели дека правдата ќе ја бара на суд.

Извор: ТВ 24

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e