(ВИДЕО) Николовски: Продолжен рокот за аплицирање за ИПАРД 2

По извршените консултации со земјоделците и со претставници на преработувачката индустрија, како и останати потенцијални корисници на ИПАРД средства и земајќи го во предвид  долгиот период на формирање на нова влада  и застојот во работата на општините одлучивме да се продолжи рокот за аплицирање за користење на  ИПАРД средства предвидени со програмскиот период 2014-2020- истакна во денешната изјава за медиумите министерот Љупчо Николовски.

Имено, првиот јавен повик за ИПАРД 2014-2020, повик  бр. 01/2017, беше објавен на 24.04.2017 и првично беше најавено дека истиот ќе биде отворен до 23.06.2017 година. Денес би сакал да ве известам дека јавниот повик за поднесување на барања за користење на ИПАРД средства се продолжува за скоро еден месец, односно до 21.07.2017 година.

Свесни сме дека во последните месеци беше предизвик да се соберат сите потребни документи за аплицирање кои ги издаваат различни државни институции и општините на Република Македонија и затоа одлучивме да го продолжиме рокот и да им овозможиме на сите кои се заинтересирани и имаат потреба за финансиска поддршка да го искористат продолжувањето и да ги комплетираат барањата за ИПАРД средства.

Во рамки на повикот се достапни три мерки и тоа:

  • Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства;
  • Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделските и рибните производи и
  • Диверзификација на фарми и развој на бизниси;

Сите заинтересирани, појасни министерот Николовски, може да ги добијат  потребните информации на интернет страната на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој : ipardpa.gov.mk, на интернет страната на Сектор за управување со ИПАРД: ipard.gov.mk или директно во министерството во сектор ИПАРД.

Земјоделците може да се обратат во канцелариите на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделство и рурален развој каде ќе им биде обезбедена поддршка во изготвување на барањето за користење на ИПАРД средства.

Министерот Николовски одговарајќи на новинарско прашање посочи дека се очекува на почетокот на идната недела да продолжи исплатата на субвенциите од програмата за 2016 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e