(ВИДЕО) Eксперти: Екстрадицијата на Грујевски и Бошковски може да биде одолговлекувана

Неосновани – така правни експерти ги оценуваат стравувањата на двајцата поранешни високи функционери на УБК Горан Грујевски и Никола Бошковски ако Грција ги екстрадира во Македонија. Екс-претседателот на Врховниот суд, Дане Илиев, за Алсат објаснува дека при барање да не бидат екстрадирани, за осомничените лица треба да се докаже дека и претходно биле цел на напади или закани. Тоа, според него, не било случај со Грујевски и на Бошковски и затоа нивното објаснување дека животот им е загрозен нема основа.

„Тоа може да го докажат ако тврдеа дека треба да бидат екстрадирани во Сирија или некоја друга земја во која животот на сите граѓани е во опасност. Македонија нема ниту таков казнен закон, на пример, со предвидени смртни казни и слично. Тоа се вообичаени нивни укажувања за да направат драма и да ги прикажат домашните власти во такво светло за да не бидат вратени во матичната држава.“ – изјави Дане Илиев – Поранешен судија и претседател на Врховен суд

Илиев, познавајќи ја состојбата во домашните судови, очекува дека прибирањето на документацијата потребна за екстрадиција може да трае и до еден месец. Вели дека е можно постапката да се развлече и поради двата паралелни процеса за Грујевски и Бошковски пред солунскиот суд. Еден е за поседувањето фалсификувани пасоши, а во вториот треба да се решава по потреницата од Интерпол и барањето за екстрадиција.

 „Јас милам дека најрационално ќе биде, а тоа и грчкиот правосуден систем ќе го направи, да им изрече казни за употребата на лажните пасоши со мерка протерување од грчката држава. Тоа е најефикасно и најбрзо. Другата постапка околу екстрадицијата е малку покомплицирана и бара повеќе време. Ако се изрече казна од грчкиот суд за употребата на лажни патни исправи, тогаш ќе треба прво да ја издржат казната па да продолжи постапката за екстрадиција.“ – вели Илиев

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека стравот на Грујевски и Бошковски од враќање во татковината е нелогичен и дека очекува за нив да има правично судење. Спасовски потврди дека двајцата имале логистика од Македонија додека биле во бегство, но не сакаше да открие кои биле нивните јатаци.

Двоецот на тајната полиција пред четири дена беше уапсен на аеродромот во Солун при обид да ја напушти Грција со фалсификувани бугарски пасоши. Грујевски и Бошковски се обвинети за случаите на СЈО за незаконско прислушување и уништување на опрема за прислушување.

Алсат М

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e