(ВИДЕО) 360˚ВМРО-ДПМНЕ изгуби 121 илјади гласови за 10 месеци

ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и БЕСА изгубија … СДСМ, Алијансата на Албанците и ДУИ добија… Таков е заклучокот за успехот на партиите на локалните избори, ако за репер се земат гласовите кои граѓаните ги дадоа за листите за советници.

ТАБЕЛА 1 – вкупно освоени гласови

Според првичните анализи на неофицијалните резултати кои за „360 Степени“ ги направи агенцијата „Рејтинг“ споредено со парламентарните избори во декември, ВМРО-ДПМНЕ за само десет месеци останаа покуси за околу 120,000 гласови. БЕСА на овие избори има околу 11 илјади гласови помалку, односно загубила околу 20% од поддршката која ја добиле во декември. ДПА останала речиси без половина од гласовите, од 31 000 на претходните избори, сега имаат помалку од 17 000. Точно колку што губи партијата на Тачи, толку добива партијата на Зијадин Села. Алијансата за Албанците од 35,000 гласа скокна на 49,000 за неполна година. ДУИ, не само што се стабилизира туку и покажува мал раст, од 86 на 89 000 гласови. СДСМ, во вкупниот број на гласачи губи 20,000, но со оглед на пониската излезност, во најмала рака ја задржува поддршката од минатите избори.

Но, што би значеле овие резултати ако не беа за советнички туку за пратенички листи на партиите?

Одговорот кој го добивме од агенцијата „Рејтинг“ е дека значително би се смениле силите во Собранието и покрај резервите за мала грешка поради општините за кои некои партии одлучија да не понудат своја советничка листа, иако би можеле да добијат по некој глас.

Никола Спасов- агенција „Рејтинг“.

„ Ако ги тргнеме независните листи и демократска партија на Турците, коишто според оваа симулација би освоиле по еден пратеник, меѓутоа на тоа на следни парламентарни избори не може да се смета бидејќи најверојатно и листите и демократска партија на Турците ќе одат во коалиција, разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ би била 12 пратеника.“

ТАБЕЛА 2- вкупно освоени мандати

Низ бројки, доколку гласовите добиени на советничките листи по изборни едници, се обработат по Донтовиот модел, по вчерашното гласање, ВМРО ДПМНЕ би имале 41 пратеник, односно 10 помалку од декември. СДСМ би добиле 53. Тоа се +4 пратеници од актуелните 49 освоени лани. Нивниот владин партнер, ДУИ би имал 12 мандати наместо 10, со што овие две партии потенцијално сами би направиле мнозинство од 65 пратеници. БЕСА повторно би добила 5 пратеници како во декември, но Алијансата за Албанците сега би имала 6 наместо 3-те мандати кои ги освои лани, со што станува втора најголема партија во албанскиот блок. ДПА, би добила еден, наместо сегашните два пратеника.

ТАБЕЛА 3- мандати ИЕ 1 

По изборни едници, СДСМ би добил 11 пратеници во единицата, што е еден плус споредено со ланските парламентарни. Затоа еден пратеник губи ВМРО-ДПМНЕ, кој би имал 7 пратеници. БЕСА и ДУИ би останале со по еден пратеник.

ТАБЕЛА 4- мандати ИЕ 2

Во двојката, остатокот од Скопје и кумановско, ВМРО-ДПМНЕ губи двајца пратеници од вкупно 9 колку што имаше во декември. По еден пратеник добиваат СДСМ и Алијанската за Албанците која на претходните избори немаше пратеник од оваа изборна единица. ДУИ пак би добил двајца, а БЕСА еден пратеник.

ТАБЕЛА 5- мандати ИЕ 3

Во 3-ката, која ја опфаќа цела североисточна Македонија, ВМРО-ДПМНЕ на овие избори би добил 9 пратеника а СДСМ 11. Сосема спротивно беше во декември, кога предноста од плус два беше на страната на десничарската партија.

ТАБЕЛА 6- мандати ИЕ 4

Во Прилеп, Кавадарци и остатокот од 4-тата изборна единица, ВМРО-ДПМНЕ губи двајца пратеници, од 10 на 8. СДСМ би добил еден пратеник и би имал вкупно 11. Еден мандат во оваа изборна едница би останал нераспределен бидејќи тоа се гласови за независните советнички листи.

ТАБЕЛА 7- мандати ИЕ 5

Во петта изборна едница, Битола, Охрид, Струга. … ВМРО-ДПМНЕ повторно губи два мандати, сведувајќи се на 7. Тие двајца плус пратеници ги добива ДУИ, која од 1 би имала 3 ца претставници во парламентот од гласовите од тој регион. СДСМ  би останал со 9 пратеници а Алијансата за Албанците со едно столче во парламентот од петката.

ТАБЕЛА 8- мандати ИЕ 6

Во тетовско-гостиварскиот крај, или изборна единица 6, по еден пратеник губат и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но и ДПА. Но затоа, двајца нови пратеници би добила Алијансата, или вкупно 4 Еден пратеник би добила и Демократската партија на Турците, иако оваа партија вообичаено коалицира за парламентарни избори. ДУИ би останал со истиот број на пратеници како лани- шест, како и БЕСА со тројца.

Сумирано, ВМРО-ДПМНЕ губи пратеници во сите изборни едници, но најизразено е во „македонските“ средини. СДСМ, добива пратеници, но повторно во изборните едници каде доминираат Македонците.

Па и покрај победата во Арачиново, дали тоа значи дека СДСМ ги задржа, ги зголеми или загуби дел од гласовите, што на последните избори ги доби од Албанците?

Никола Спасов- агенција „Рејтинг“

„Значи листите, мислам дека овој пат секако немаше 40,000 албански гласови за листите на СДСМ, не толку како на изборите. Но, мислам дека да речеме Петре Шилегов освои 10 000 гласови и направи разлика во Сарај и во Чаир итн. и мислам дека за Градоначалниците во голема мера каде што имаше албански гласови, каде што имаше некој договор со ДУИ тоа се случи …Многу е тешко баш сега да издвоиме некоја таква прецизна бројка колку Албанци гласале за СДСМ и тоа варираше од општина до општина и од тоа дали е за листа или за градоначалник.“  

Освен за тоа кој добил а кој изгубил, за секои избори вообичаено се памети и колкава била излезноста. На гласањето вчера, таа беше пониска споредено со последните циклуси. А токму поради ниската излезност не треба да се заборави и друг податок, дека граѓаните ставија значително повеќе неважечки ливчиња во гласачките кутии. Малку е веројатно да се верува дека еден од дваесет граѓани не знаел како да го пополни гласачкото ливче, особено што вчерашните беа втори избори за помалку од една година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e