(ВИДЕО) 360˚Поповски: Џафери направи грешка во чекори, но целата одговорност е кај Иванов кој го крши Уставот

Во дебата на „360 Степени“, Владо Поповски – универзитетски професор, поранешен министер и учесник во подготовката на многу легислативни решенија, зборуваше за носењето на Законот за употреба на јазиците и одговорноста за процедурата во која беше донесен, како и обврската на претседателот за негово потпишување.

Тој лоцираше одговорност и кај претседателот на Собранието, Талат Џафери и кај претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, но беше дециден дека најголемата одговорност во моментов е кај претседателот Иванов.

– Кои фалинки на чија страна се според членот 173 од Деловникот? На страната на претседателот на Собранието, недостатокот на постапката е што не го поставил прво прашањето на разгледување одново на законот во врска со забелешките на претседателот на државата, што не го поставува прашањето на прифаќање или неприфаќање на забелешките, и не го финализира со заклучок, а доколку тоа се изодеше тогаш амандманската расправа се однесува само на прифатените забелешки од претседателот, а ако ништо не се прифатеше, тогаш мораше да се гласа. Фалинката кај претседателот на државата е во таа смисла што независно како се одвивала оваа ситуација, штом Собранието со апсолутно мнозинство на гласови, дискутирало или не дискутирало за законот или слично, го изгласува по втор пат, претседателот на републиката е должен, уставно, да го потпише и не може да води политика – рече Поповски.

Поповски вели дека Џафери направил грешка во чекори со повикувањето на пратениците да поднесуваат амандмани, бидејќи претходно требало да се разгледаат забелешките од Иванов.

– Но, повторното изгласување на законот значи и де факто и де јуре неприфаќање на забелешките од претседателот и тој мора да се помири со таа процедура и да го потпише законот, бидејќи во спротивно го крши Уставот – рече Поповски.

Тој вели дека Иванов создава институционална криза со тоа што го крши Уставот, излегува надвор од уставноправната рамка и влегува во политичка рамка, свесен дека Собранието нема двотретинско мнозинство за импичмент.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e