Transparency International: Македонија не ги исполни препораките од ГРЕКО за собранието, судството и јавното обвинителство

Transparency International Македонија ја известува јавноста дека иако Извештајот од четвртиот круг на евалуација на ГРЕКО (земји за борба против корупцијата) е усвоен на 62-от пленарен состанок на ГРЕКО одржан на 6 декември 2013-та година, Република Македонија сè уште нема преземено активности во насока на имплементирање на дел од препораките наведени во извештајот, а за тоа дава неиздржани изговори.

Република Македонија на 26 јуни 2015-та година доставила информации до ГРЕКО во врска со имплементацијата на препораките од извештајот од евалуацијата. На 1 јули 2016-та бил усвоен извештајот за оценката на имплементацијата, а бил објавен на 12 октомври 2016 година. Од неговата содржина може да се утврди дека ова е најслабиот извештај на ГРЕКО за Република Македонија до сега.

Препораките од претходните извештаи најчесто беа навремено спроведувани, при што РМ добиваше оценка дека задоволително или делумно се спроведени сите препораки, или дека се спроведени сите освен една до две препораки. Со последниот извештај, кој се однесува на борбата против корупцијата во Собранието на РМ, судството и јавното обвинителство, е утврдено дека РМ на задоволително ниво спровела само три од вкупно деветнаесет препораки, десет се делумно спроведени а дури шест воопшто не се спроведени.

Четири од препораките за кои недостасува имплементација се однесуваат на спречувањето на корупција кај членовите на Собранието на РМ, односно на: 1) донесувањето на кодекс на однесување за пратениците, 2) развивање на внатрешни механизми и насоки за спречување судир на интереси и примање подароци, гостопримство и други предности, 3) воведување на правила за тоа како членови на Парламент да соработуваат со лобисти и трети странки кои сакаат да влијаат на законодавниот процес, 4) пропишување на санкции за сите прекршоци сторени од страна на член на Собранието на РМ, како и дека преземање соодветни акции во сите случаи на несоодветно однесување од страна на членови на парламентот.

Другите две неспроведени препораки се однесуваат на судството и јавното обвинителство. Со едната се препорачува во системот на оценување на достигнувањата на судиите да се воведат повеќе квалитативни критериуми и да се отстранат сите автоматски снижувања на оценка како резултат на промената на неговата/нејзината одлука, а со другата се препорачува при утврдувањето на дисциплинска одговорност на јавните обвинители да се направи јасно дефинирање на прекршоците и опсегот на достапни санкции да се прошири за да се осигура подобра пропорционалност, осигурувајќи се особено дека разрешувањето на обвинители е можно само за сериозните случаи на несовесно однесување.

ТИ-М има забелешка и на тоа што во извештајот е наведено дека властите во РМ како оправдување за неимплементирањето или делумното имплементирање на препораките ја навеле политичката криза и тоа што Собранието на РМ во дел од тој период беше распуштено. ТИ-М смета дека тоа не може да се користи како изговор со оглед на тоа што политичката криза во Република Македонија започна речиси една година по првиот извештај и добивањето на препораките. Имено, извештајот е усвоен во декември 2013 година, а повратна информација РМ доставила на 26 јуни 2015 година. Ако се има предвид дека политичката криза започна со објавувањето на прислушуваните телефонски разговор во февруари 2015 година, се поставува прашањето како може политичката криза да се користи како изговор за нешто кое требало да биде сработено повеќе од една година пред таа да започне, а не било. За тоа време можеле да се преземат активности во насока на нивно исполнување, но тоа не било сторено.

ТИ-М исто така смета дека и по настапувањето на кризата Собранието на РМ можело да делува во насока на спроведување на препораките и дека немало никакви пречки за тоа. Слично е и оправдувањето во врска со делумното спроведување на препораката за преземање на соодветни мерки во однос на зацврстување на независноста, непристрасноста и интегритетот на судиите-поротници, меѓу другото, со воведување на конкретни насоки и тренинг на етички прашања, очекувано однесување, превенција на корупција и конфликт на интереси и други слични проблеми. Имено, видно од извештајот македонските власти до ГРЕКО доставиле информација дека една од причините поради кои судиите-поротници сè уште не се обврзани да го почитуваат Кодексот на судска етика се ненаправените измени поради отсуството поради болест на Претседателот на Здружението на судии.

Оттука, може да се заклучи дека вистинската причина за нецелосната имплементација на препораките не е политичката криза, неможноста Собранието на РМ да работи или отсуството на претседателите на одредени институции, туку недостатокот на политичка волја кај Република Македонија и бавноста во завршувањето на преземените обврски. Дел од препораките во Извештајот на ГРЕКО се содржани во истражувањето за Националниот систем за интегритет.

При тоа укажуваме дека институциите треба да преземат одговорност за нивно целосно имплементирање, а истовремено да преземат активности и за спроведување на препораките кои воопшто не се спроведени. ТИ-М поради сето горенаведено уште еднаш ги повикува институциите сериозно да се зафатат со имплементирање на препораките од извештајот на ГРЕКО и потсетува дека и понатаму ќе продолжи да ги следи овие процеси, ќе укажува на недостатоците и ќе ја известува јавноста за тоа, заклучуваат од организацијата

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e