„Трансмет“ на Кочан доцни со обновата на скопската обиколница, возењето уште поопасно

Рокот за итна санација на Скопската обиколница истече, но градежните работи што ги изведува фирмата „Трансмет“ на Сеад Кочан не завршија. На делот меѓу клучките Арачиново и Смилковци, кој беше најоштетен во поплавата од 6 август минатата година, сѐ уште се вози двонасочно. Поставен е слој нов асфалт, има нова банкина меѓу двете насоки, но уште има градежни машини и се работи, пишува СДК.

 

Поправката на обиколицата, согласно потпишаните договори, досега требаше да биде завршена. Градежните работи почнаа на средината на октомври, а според договорот требаше да завршат за четири месеци. Рокот истече минатиот месец, но од Јавното претпријатие за државни патишта нема објаснување зошто сѐ уште се работи и дали фирмата изведувач ќе плати пенали за доцнењето.

Градежните работи за поправка на обиколницата ги изведува Друштвото за градежништво, транспорт и трговија „Трансмет ДОО Скопје“ за 3,6 милиони евра, според договорот склучен на трети октомври, 2016. Фирмата не беше избрана на тендер туку поради итноста, претпријатието го склучи договорот без претходна објава.

Управителот на „Трансмет“ Сеад Кочан е првоосомничениот во случајот „Труст“ во истрагата на СЈО за фалсификувани документи за учество на тендер на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) и незаконска проневера на 17 милиони евра државни пари во јавна набавка за ископ на јаловина во рудникот Суводол во ноември 2011.

Судот на 9 март одреди притвор од 30 дена за Кочан, но налогот до полицијата патуваше цели 24 часа, и на 10 март кога МВР доби налог да го приведе во затворот во Шутка, тој не беше достапен. МВР дента распиша потерница за приведување на Кочан на ниво на Република Македонија, а неколку часа подоцна била распишана и меѓународната потерница. МВР на 10 март изјави дека чека информација од Граничната полиција дали управителот на „Трансмет“ ја напуштил државата, но официјална потврда за тоа сè уште нема.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e