Стандард: Македонија се збогува од Европа

Неуспехот на обидите за демократизација во Македонија има и регионални последици. Доколку Западот се повлече од својот ангажман, тоа ќе им сигнализира и на соседите дека ЕУ-перспективата е уште подалечна, пишува Стандард.

„Бројни дипломати со недели бараат решение за пат-позицијата во Македонија. Но, национал-конзервативната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ со помош на својот вазал Ѓорге Иванов, цврсто се држи до власта- спротивно на демократските правила и европските вредности. Европската народна партија одамна мораше да се дистанцира од ВМРО-ДПМНЕ. Но авторитарните пријатели во Унгарија и Полска продолжуваат да му даваат поткрепа на режимот во Скопје“, пишува австрискиот дневен весник Стандард во анализата под наслов „Македонија: збогување од Европа“.

„(…) Иванов не е подготвен да му го даде мандатот за формирање влада на социјалдемократот Зоран Заев, откако ќе биде избран нов претседател на Собранието. Со своите закани, тој и партијата ја држат целата земја во шах. Многу граѓани стравуваат од насилни судири и од загревање на етничките тензии со помош на пропагандата на ВМРО“.

„Неуспехот на обидите за демократизација на ЕУ и САД во малата балканска земја има и регионални последици. Затоа што доколку- а тоа сега се случува- Западот се повлече од својот ангажман и повеќе се посвети на функционални трговски односи, тоа ќе биде сигнал и за соседните држави, дека ЕУ перспективата станува сѐ подалечна. Албанскиот премиер Еди Рама и косовскиот претседател Хашим Тачи во таков случај се закануваат, во сѐ понагласен националистички тон, со ‘Голема Албанија’“, пишува австриски Стандард.

Со заканите на Рама и Тачи се занимава и швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг, во текстот под наслов „Големоалбанска визија“.

„Флертот на Рама со големоалбанскиот национализам од коментаторите се поврзува со претстојните избори. Неговата изјава може да се сфати и како апел за будење на главните градови на ЕУ, да не го оставаат Балканот сам. Но факт е, дека едно табу е скршено. На своите западни партнери, водечките албански политичари со години им тврдеа дека Голема Албанија не е опција. Тоа повеќе не е случај. Веќе следниот ден, косовскиот претседател Хашим Тачи го потврди тоа. Доколку ЕУ ги затвори вратите, Албанците ќе се обединат во национална држава“, пишува НЦЦ.

Извор: Дојче веле

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e