Спасовски: Местото на полицијата е меѓу граѓаните

Ова е само почеток на враќањето на довербата и угледот на министерството. Позитивните промени ќе следуваат. Прашањата од надлежност на министерството се сложени и исклучително чувствителни, но тоа не нѐ плаши, напротив, тоа е нашиот предизвик, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во интервју за Судство.мк

– За начинот на кој било водено ова министерство јавноста беше запознаена преку објавените телефонски разговори. Последиците од таквиот начин се очигледни. Нарушен систем на кариера, несоодветни профили поставени на клучни раководни позиции. Многу често главниот критериум по кој се унапредувале вработените била партиската лојалност и послушност кон одреден круг на функционери од власта. Затекнав долгови, но затекнав и расипничко трошење на буџетските средства.

За само десет месеци, оваа слика успеавме да ја промениме. Започнавме со сериозни реформи, кои имаат за цел да го вратат угледот на министерството, но уште поважно – да ја вратат довербата кај граѓаните. Не е едноставно да се навикнеме да ги почитуваме правилата во општество во кое правилата по правило биле прекршувани. Но, со силна волја сѐ е можно.

Ставот на раководството на МВР е дека само задоволна и мотивирана полиција и вработени можат да ја гарантираат безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните. Токму затоа и започнавме со реализација на проекти за подобрување на работните услови. При крај е набавката на униформи за полицијата, започнати се и во тек се реновирања на објекти за потребите на службите, во тек се постапки за набавка на опрема која ќе им служи на специјалните единици.

Истовремено, свесни за несоодветното однесување на вработените, кое во минатото не само што било толерирано, туку и поттикнувано, превземавме сериозни активности за зајакнување на капацитетите на Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди. Работиме на јакнење на нивната независност и елиминирање на политички или лични влијанија врз нивната работа.

Го направивме клучниот чекор, без никаков притисок, се откажавме од контролната улога на УБК во системот на следење на комуникациите. На предлог на министерството, на УБК ѝ се одзеде посредничката улога за прислушкувањето, со чија помош изминатиот период беше направена најголемата, историска злоупотреба на оваа институција. И тука немаме сомнеж, ниту каење. И ова е само почеток на клучната реформа која следи, реформата на безбедносните служби. Која ќе биде нивната позиција, кои овластувања и надлежности ќе ги имаат, моделот за реформа, која ќе биде нивната главна улога во стратешките планови и заштитата на државата се само дел од прашањата на кои треба соодветно одговориме. Но, не само министерството, туку сите активни чинители во општеството.

Но, ова е само почеток на враќањето на довербата и угледот на министерството. Позитивните промени ќе следуваат. Прашањата од надлежност на министерството се сложени и исклучително чувствителни, но тоа не нѐ плаши, напротив, тоа е нашиот предизвик, истакна Спасовски.

– Местото на полицијата е помеѓу граѓаните. Улогата е да се заштити државата и сите граѓани, а не поединци или одделни групи. Позорната служба е дел од новата политика на министерството, што веќе започна со имплементација. И резултатите се видливи. За целосно имплементирање и функционалност на оваа политика, неопходно е да се зголеми бројот на униформирани полицајци.

Несоодветната кадровска политика, која повеќе се засновала на лични преференци, а не на анализа и проценка, доведоа до сериозен недостаток на униформирани полицајци. Токму затоа и минатата година распишавме конкурс за нови полицајци, кои наскоро треба да започнат со обука. Ќе направиме напори, без да предизвикаме оптоварување на буџетот, да ги зајакнеме капацитетите на полицијата.

Ангажманот на полицијата понекогаш е повеќе видлив, односно полицијата е почесто присутна на терен. Тоа е во зависност од проценките и околностите. Не сакаме да предизвикаме непотребен страв и паника кај граѓаните, но нашата превентива улога е да се обидеме да спречиме непријатни ситуации кои би имале негативни последици во општеството, смета Спасовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e