Што Груевски заборави да каже во Брисел

Да се фокусираме на забавните вести кои ги донесе Груевски од Брисел- на тамошната администрација лично тој, поранешен премиер, сега лидер на ВМРО-ДПМНЕ, со истоштен глас  и се жалел од новата Влада на Заев.

Што изјавил Груевски- дека новата власт врши притисоци врз медиумите и судството: “Во Македонија постои една од најлошите ситуации во историјата на Македонија во која се гуши медиумскиот простор и се тераат сите медиуми да информираат само афирмативно и никако критички за новата Влада, што не е добро за демократијата“.

Груевски само две работи не им соопштил на бриселските функционери- првата е дефиницијата на владеењето на самиот Груевски, страховлада, репресии, притисоци и малтретирања од секој вид. Сообраќајната несреќа на Никола Младенов, тешката, како менгеме затворска казна за Томислав Кежаровски, сега во моментов ја ислужува и Зоран Божиновски за кој ЗНМ постојано апелира да биде укината.

Претходеше суровата затворска казна за Велија Рамковски, сопственикот на А1, весниците “Време”, “Шпиц” “Коха”,  потоа на неговата ќерка Емел Рамковска, како и на директорите на А1 Дарко Перушевски и Анета Кочишки (Рамковска, Перушевски, Кочишки веќе се излезени од затвор), како и на други соработници на Рамковски.

Затворањето на А1 ТВ и весниците “Време” и “Шпиц” како и затворските казни беа политичката одмазда на Груевски за непослушноста кон него. Последните расчистувања со медиумите на луѓето на Груевски беа токму со нивните- империјата МПМ исчезна, а со неа и ерата на критичкото пишувано новинарство кое прерасна во пропагандистичко кога тие ги презедоа весниците од германскиот ВАЦ.

Втората работа која Груевски заборавил да ја спомене на бриселската администрација е критичкиот амбиент со кој Заев беше постојано соочуван, особено последниве години. Иако во опозиција, Заев беше доволно добро критикуван од медиумите и невладините организации и токму од оние кои се залагаа за реформи, промени, слобода и живот- еднакво како и тој самиот.

Заев ќе научи, онака како што низ деценииве некои од новинарите, не сите се разбира, но некои, ги научија неговите претходници дека пред да се решите да се бавите со политика, треба само да го замислите Черчил, намрштен, но сепак со полунасмевка и со воздишка како ви соопштува:

“Критиката не е пријатна, но е неопходна. Таа ја исполнува истата функција како болката во човечкото тело. Таа повикува на внимание за нездравата состојба на нештата.”

Радмила Шеќеринска во политиката е најдолго од оваа Влада и затоа и доволно време и со особено внимание ги слуша ножиците без кои не може ниту една пура, пред да биде испушена од Черчил, како што и општество не може да опстане- со нив се кинат, прецвикуваат, ослободуваат сите непотребни, болни делови, а тоа подразбира пред се да се тргне од себе.  Таа опстана затоа што низ димот на пурите на Черчил, ја тргнуваше маглата од оние советници кои ја спречуваа да ги слушне критиките за себе.

За да опстане еден политичар, за да остави трага, потребно е да се опкружи со барем еден советник кој ќе му ги соопштува најсуровите вести за него, се што се слуша и ослушнува кај народот, сета мака и тескоба, особено ако тој, дури и со најневиниот потег, можеби ја предизвикал.

Груевски не успеа во ништо од ова, освен да создаде време за плачење, од кое тешко дека можеме следниве децении да се опоравиме.

Заев има некакво почетно искуство со понекогаш непријатни денови, и тоа од оние од кои само наивните не очекуваат- од истомислениците, некои новинари и активисти, кои го критикувале тогаш кога сметале дека е неопходно, иако му било секако болно. Но, добар политичар знае- подобро неговото тело да се превиткува од болки, отколку општеството да замре.

Извор: Нова ТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e