ШПИОН премина во СЈО, Илија Димовски „пријателска“ врска за грчки и унгарски служби

Шпион поминува во надлежност на Специјалното јавно обвинителство, соопшти обвинител од ова обвинителство, на денешната јавна седница во апелациониот суд, каде што по петти пат се правеше обид за почеток на седницата и разгледување на осудените во „Шпион“.

Поради отсуство на обвинети или адвокати досегашните јавни седници се одлагаа, а обвинетите бараа Катица Јанева да го преземе случајот. Најавија докази дури и за обвинителката Лиле Стефанова која го застапуваше обвинението, а сега е дел од тимот на СЈО.

Во „Шпион“ се обвинети 19 луѓе. Првообвинет во овој процес е екс разузнавачот, Марјан Ефремов кој е осуден на 15 години затвор за шпионажа затоа што според обвинението прибирал информации за странски тајни служби.

Покрај Ефремов, затворски казни добија и поранешниот директор на дирекцијата за спречување на перење пари, Ване Цветанов, поранешниот полициски генерал Горан Стојков, двајца разузнавачи активни во времето на акцијата „Шпион“, како и Марјан Маџовски, поранешен шеф на кабинетот на претседателот на Собранието Трајко Вељановски.

Интересни се деловите од пресудата во кои првообвинетиот Марјан Ефремов ги запишувал за тоа со кого соработувал во политиката. Пратеникот на ВМРО ДПМНЕ и координатор на пратеничката група Илија Димовски му бил „пријателска“ врска на Ефремов со грчката и унгарската служба, а ја вози и колата што ја имал Ефремов.

Ако се отвори случајот треба да биде сослушан и Илија Димовски. еве детали од пресудата „Шпион“, распослана на 1.076 страници.

„На 13.05.2009 година остварив средба и контакт со пријателската врска Илија Димовски, актуелен пратеник во Собранието на Република Македонија од редовите на ВМРО ДПМНЕ и близок соработник на Никола Груевски, при што добив информации и сознанија во врска со состојбата во партијата, проблемите во државата, прашањата за коалицијата со ДУИ и прашањата за Македонија и Србија. Разговорот го водев имајќи ги предвид вашите прашања и се обидов да добијам вистински и моментални сознанија за сите работи и ситуации во државата“.

Ова е само дел од писмениот извештај на првообвинетиот во аферата „Шпион“ Марјан Евфремов, создаден на 20.06.2009 година и испратен до унгарската разузнавачка служба, заведен како „ИЛЕ-3“.

Овие податоци, содржани во пресудата за случајот „Шпион“ која судот ја напиша на 1.056 страници ги откриваат сите соработници на поранешниот разузнавач Мајан Ефремов, чии информации во писмени и шифрирани извештаи биле испраќани до двајца разузнавачи на унгарската разузнавачка служба како и на разузнавач во грчката служба.

За конкретниот извештај, со наслов ИЛЕ-3, во пресудата се наведува дека: „од увидот во писмениот извештај од 20.06.2009 година, Судот утврди дека обвинетиот Марјан Ефремов го составил овој писмен извештај за потребите на унгарската служба, откако претходно остварил средба со „пријателската врска“ Илија Димовски пратеник на ВМРО ДПМНЕ од Велес од кого ги добил информациите детално наведени во извештајот, а во врска со политичката ситуација во Македонија, економската криза, започнувањето на преговорите на Македонија со ЕУ, односите помеѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, прашањата околу Македонија и Србија за спорот со МПЦ и сл“ – наведува судот во пресудата.

Екс разузнавачот Ефремов , кој работел паралелно за грчката и за унгарската служба откако ја изгубил работата во Агенцијата за разузнавање, информациите што ги добивал од пратеникот Илија Димовски ги срочил во повеќе информации кои се пронајдени во неговите компјутери како документи или испратени како шифрирани пораки, а за трошоците: поклони за Илија Димовски и покривање на трошоците за средбите, од странскитеразузнавачки служби Ефремов побарувал различни суми на пари, од 10 евра, 4 илјади па до 8 илјади евра. За некои од посложените операции, како што биле прибирање на документи и фотографии, Ефремов од странските разузнавачи побарувал и по 8 илјади евра.

Како што наведува во една од пораките до унгарците, треба да му исплатат  7.593 евра, пари во кои влегуваат поклони за неговите соработници и пријателски врски: Иле, Софија, Ѓорѓи, Дино, Алек и Иџет.

Сите извештаи кои се пронајдени во компјутерите или сателитските системи кај обвинетиот Марјан Ефремов, а кои биле составувани врз основа на информациите што ги добивал од пратеникот Илија Димовски ги означувал со шифри „Иле“ или „снег“.

Меѓу стотиците страници доказен материјал, еве дел од пораките и содржините што ги цитира судот во Скопје, а се однесуваат на информации добиени од пратеникот и координатор на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ Илија Димовски:

-на 10.03.2009 осудениот Марјан Ефремов составил повеќе извештаи кои назначил како „џоко1“, „софија“ и „иле1“ кои ги испратил и до унгарските а неколку дена подоцна и до грчките разузнавачи. Во пресметката што ја направил за трошоци направени за 4 средби, Ефремов пресметал сума од 3.154 денари или 52 евра, од кои за средба со Илија Димовски потрошил 545 денари.

-на 10.03.2009 Марјан Ефремов испратил порака до грчките разузнавачи во кои им пишува за неговиот зимски одмор во Копаоник, истовремено објаснувајќи им дека му праќа на пријателот нешто за читање. Како прилог на пораката испратил 2 документи, означени како „снег 1 и 2“ во кој документ дал извештај за средбата што ја имал со Илија Димовски.

-Од нотес во кој имало датуми од 17.11.2008 до 17.09.2009 година, од водената дневна евиденција од Ефремов, судот во пресудата утврдува дека името на Илија Димовски се споменува неколку пати и во него пишувало дека Ефремов му продал возило на Димовски: на 03.03.2009 Ефремов напишал Иле Димовски –117.000 денари, на 04.03.2009 Иле Димовски – смс, на 05.03.2009 напишал Иле-пари, на 06.03.2009 напишал Илија Димовски-смс,  и се така секојдневно до 12.03.2009 година кога напишал: Иле Димовски завршено – Иле ми ги врати парите. Во истиот нотес го пишува и името „Ламбе“ врската –грчкиот разузнувач.

Од ваквото запишување во детали и по дауми, за судот јасно произлезе фактот дека за сите свои дејствија и активности меѓу кои и праќањето на мејловите, Ефремов детално си забележувал агенда потсетници – констатира судот, кој за кривичните дела злосторничко здружување, шпионажа, измама, уцена и прикривање го осуди на казна затвор во траење од 15 години.

Во овој период, кога се споменува името и на пратеникот Илија Димовски, според пресудата, Ефремов на грчките и на унгарските служби им предавал информации за безбедносната состојба во Македонија, политичката состојба, претседтелските избори, односите во политичките партии, состојбите во МВР и АРМ.

Во своите тефтери Ефремов пишува дека на 30.03.2009 година остварил средба со актуелен пратеник во собранието на Македонија и добил сознанија за одржаниот прв круг на избори, неправилностите кои се случиле на овие избори, состојбата во политичкиот живот во Македонија и за контактите на пратеникот со Љубе Бошкоски, тогаш претседтелски кандидат.

Овде не се споменува име, но судот констатира дека во извештајот кој бил испратен до грчкиот разузнавач со шифра „Ламбе“ пишувало дека податоците ги добил од „пријателска врска“ пратеник во Собранието на Македонија, како што го опишува во другите извештаи Димовски.

Во извештај насловен како „Петре 6“ од 29.4.2009 година, Ефремов на унгарските разузнавачи Петар и Јури им испраќа интересни извештаи како што вели и им најавува нови до крајот на неделата и од нив бара трошоци од 218 евра кои ги направил за 6 средби меѓу кои и таа со пратеникот Илија Димовски.

Во мај 2009 го испраќа извештајот за средбата со Илија Димовски споменат на почетокот од текстов до унгарската разузнавачка служба. Името на Илија Димовски во тефтерите на првоосудениот во аферата „Шпион“ се споменува и на 20 јануари 2010 година.

Во 2010 меѓу другите извештаи, овој пат со информации добиени од македонската УБК, Ефремов ги известил Грците и Унгарците дека: „Груевски требало да се договори со странскиот фактор да се откаже од власта, а опозицијата да го реши проблемот со името со Грција“.

Во текот на судската постапка, според пресудата,  Илија Димовски не бил повикан за сведок.

Бидејќи судот прифатил дека Марјан Ефремов испраќал извештаи од средбите со лицата со кои се среќавал, ви пренесовме само сегмент од деталите кои судот на широко ги елаборира на 1.056 страници, вклучувајќи транскрипти, пораки, слики и друг доказен материјал кој бил обезбеден со ПИМ мерки или со вештачење на телефоните, компјутерите и сателитските системи.

До пратеникот Илија Димовски, на меил во пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ во Собранието чиј координатор е и на неговиот ФБ профил испративме прашања и побаравме одговор дали знаел дека информациите од неговите средби со Марјан Ефремов, во форма на извештаи биле доставувани до унгарската  и до грчката разузнавачка служба, каде се среќавал со Ефремов и дали на тие средби му предавал документи или само усни информации, дали добивал подароци, пари и тн, кои како прашања произлегуваат од наведеното во пресудата на скопскиот кривичен суд, но не добивме одговор.

Извор: Сведок

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e