Шилегов денеска на средби со граѓаните на Центар

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, од СДСМ Петре Шилегов во текот на единаесеттиот ден од кампањата за локални избори 2017 (06-ти октомври), го посети Кино Култура, каде се сретна со луѓето кои создаваат култура во градот надвор од градските институции. Шилегов вети поддршка за целосно искористување на просторот во Кино Култура и поддршка за програмските активности.

„ Поранешното Кино „Култура“, повеќе од една деценија беше целосно затворено и руинирано. Еден мал дел од овој објект, последниве две години функционира независна културна сцена, но со поддршка на Град Скопје, што ќе следи по 15 октомври, целиот негов капацитет ќе биде искористен и ставен во функција. Нашата програма предвидува ваквите простори, што ги има во Скопје да се искористуваат, а не да бидат препуштени на забот на времето. Ги ослободуваме од партиските и идеолошките стеги, затоа што културата треба да биде за сите. Соодветно на тоа, буџетите и програмските активности треба да се зголемуваат. Активните уметници ќе имаат отворени врати за своите активности во зградите на културата и за настаните во организација на Градот Скопје.

Зоолошката, библиотеките и Детскиот културен центар – Карпош, ги отвораме за сите, овозможувајќи им на децата и на родителите квалитетни културни содржини и едукација во институциите на културата “, заклучи Шилегов по посетата.

Петре Шилегов во текот на вчерашниот ден оствари и голем број на средби со граѓаните од населбите Тафталиџе и Карпош 4. Заедно со кандидатот за градоначалник за општина Карпош. Стефан Богоев и пратеникот Мухамед Зекири, го посетија и Нерези.

Денеска, Шилегов ќе се сретне со претставници на малцинствата во Скопје, како што се Хрвати, Црногорци, Египќани, Словенци, со коишто ќе потпише меморандум за соработка, по што ќе ја потпише декларацијата „Фридрих Еберт“.

Во 11:30 часот ќе даде изјава за медиуми во киното на Железничката зграда зад ТЦ Буњаковец. Покрај средбата со станарите на зградата, Шилегов денеска ќе се среќава и со жители на други делови на Центар и Чаир.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e