Се крчка ли зголемување на староста за пензионирање?

Се крчка ли зголемување на возраста за пензионирање? Ова прашање повторно се наметнува во јавноста откако во последните неколку недели меѓу работниците во големите фабрики и компании почнаа повторно да кружат информации дека државата подготвува порестриктивни мерки за пензионирање поради се’ попразната пензиска каса. Според едни информации, возраста за пензионирање ќе се зголеми за две до три години, односно жените, место како сега со 62 години, да заминуваат во пензија со 64 години, додека кај мажите условот е 67, а не 64 години. При тоа неофицијално се зборува дека новите услови ќе ги зафатат генерациите кои се родени по 1960 година.

Според други неофицијални информации, пак, пензискиот услов ќе се изедначи, со што и жените и мажите ќе добија право на старосна пензија кога ќе наполнат 65 години.

Во некои од компаниите дури се вели дека измените во условот за пензионирање се веќе изготвени и оти е само прашање на време кога тие ќе се процесуираат за да заживеат во практиката и може да се очекува новите пензиски услови да важат веќе од следната година. Поради стравот од тоа дека ќе работат подолго, добар дел од работниците побрзаа да ги искористат бенефициите да си заминат 1,5 година порано во пензија со исплата на испратнина.

И покрај тоа што информациите за потешките услови за пензионирање се се’ погласни меѓу вработените, надлежните се категорични дека во моментов не се работи на зголемување на старосната граница за пензионирање.

„Иако во европските држави постои тренд на зголемување на условите за стекнување право на старосна пензија, тоа не е случај со македонскиот пензиски систем. Во моментот не се подготвуваат законски измени во насока на зголемување на старосната граница како услов за стекнување право на старосна пензија. И натаму за право на старосна пензија важи условот 64 години живот (маж), односно 62 години на живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж“, се вели во одговорот од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Од оваа институција потсетуваат дека последното зголемување на староста за пензионирање е направено уште на почетокот на пензиската реформа во 2000 година кога старосната граница за мажи од 63 години во 2001 година се зголеми на 64, а за жените зголемувањето на старосната граница постапно се одвиваше заклучно со 2007 година од кога е потребно да има 62 години живот за добивање старосна пензија.

Од ресорното Министерство уште велат дека работниците може на своја волја да работат до 67 години, можност што ја дава Законот за работни односи. „Работник може да го продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст, што важи и за мажите и за жените, за што треба да се изјасни преку изјава која работодавецот е должен да ја прифати“, истакнуваат од Министерството.

Дали зголемувањето на старосната граница за заминување во пензија и овој пат е само пробен балон, или во прашање е уште една анализа колку државата би заштедила ако се покачат годините за старосна пензија, останува да се види. Во последните 6 години имаше најмалку три вакви проверки на пулсот на јавноста за покачување на годините за пензионирање. Прво беше дека старосната граница се зголемува за три години, потоа дека ќе се собираат годините на старост со години на работен стаж, па пред две години дека во пензија жените ќе одат со 63, а мажите со 65 години. До сега не излезе ништо од сето тоа.

Извор: Утрински весник

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e