Роковите делумно пробиени: Ќе има ли лидерска в среда?

Политичките партии потписнички на Договорот од Пржино не ги исполнија сите рокови предвидени со договорот што го постигнаа на 20 јули, пред одржувањето на лидерската средба на која треба да се одреди датумот за одржување на предвремените парламентарни избори. – пишува Мета.

Договорот заглави кај формирањето на ад хок телото за регулација на медиумите во предизборниот период, чие комплетирање требаше да заврши пред три дена, односно на 24 август.

Четворицата претставници на двете партии веќе неколку дена не можат да постигнат консензус за избор на петтиот член, кој треба да биде Албанец.

Слаѓана Димишкова и Цветин Чилиманов, предложени од ВМРО-ДПМНЕ, и Горан Трпеноски и Љубомир Костовски, предложени од СДСМ, се договорија повторна средба да имаат в понеделник.

Ад хок телото ќе мора целосно да се формира до вторник, за в среда, на 31 август, лидерите на четирите најголеми политички партии да можат да одржат лидерска средба, на која треба да се договори датумот за избори.

Ако се суди според меѓупартиските кавги и тонот на соопштенијата што деновиве си ги разменуваат ривалските СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, далеку сме од поволна клима за договор. Фрчат обвинувања за (не)патриотизам, за тоа кој е предавник, а кој државник, кој го минира договорот, а кој го спроведува. Но, исто така, ако се суди според претходните искуства, ако работите не се средат, може да се очекува во последен момент да доскокнат претставниците на меѓународната заедница, под чие покровителство беше постигнат договорот и на кои не им е во прилог тој, туку-така, заради ад хок телото за медиуми, да пропадне.

Преостанува:
• 19 август/24 август (пробиен рок) – Формирање на ад хок тело за медиуми;
• 31 август – Краен рок за лидерска средба;
• 2 септември – Опозицијата именува главен и одговорен уредник на МРТВ (доколку изборите се одржат на 11 декември);
• 2 септември – Суспендирање на измените во Законот за МВР во однос на надлежностите на министерот (доколку изборите се одржат на 11 декември).

Исполнето:
• 23 јули – Пратениците во Собранието ги изгласаа измените во Изборниот законик;
• 25 јули – ДИК го објави списокот со 39.502 спорни гласачи;
• 28 јули – Пратениците ги изгласаа измените во Законот за внатрешни работи, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Законот за кривична постапка и за Законот за Влада.
• 18 август – Заврши пријавувањето на спорните гласачи во ДИК.

Извор: Мета

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e